Родителите од Кочани се сомневаат на влијание и притисок врз сведоци

Повикот за избувнатиот пожар во дискотеката „Пулс“ го добивме некаде околу 2 часот и 35 минути. Кога стигнавме таму, од вратата се гледаше густ чад. Не гледавме пламен само се трудевме да ги извлечеме децата. Тоа одеше тешко бидејќи беа испреплетени едни со други. Ова беа дел од исказите изнесени на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од страна на двајца пожарникари кои кобната вечер се бореле со огнената стихија.

Во своите сведоштва детално опишуваа каква била состојбата надвор пред дискотеката но и внатре каде најголем дел од децата биле заглавени. Според кажувањата на сведоците, најголем дел од децата биле заглавени на влезната врата, во просторот кај билетарата и во тоалетите. Еден од пожарникарите објасни дека при вадењето на децата до паркингот, имало и полицајци и обезбедување кои помагале.

Драган Апостолов, командир на пожарната во Кочани

- Кога стигнавме таму, имаше многу деца кои пискаа и бараа помош. Кога се симнав од возилото лежеше една девојка која лежеше и и пристапив да и дадам прва помош. Во еден момент медицинско лице ме фати за рака и ми кажа господине девојката е почината. Кога влегов внатре имаше многу деца кои бараа помош. Затекнав лица паднати на земја и преплетени едни со други. Најмногу повредени и починати лица имаше во ходникот пред да се влезе во дискотеката. После тој ходник, внатре затекнав две целосно изгорени лица. Пред тоалетот внатре имаше хидрант за гасење на пожар но немаше вентил за да се пушти.

Покрај пожарникарите денеска сведочеја и двајца повредени во пожарот. Тие пред судот кажаа дека билети за влез купиле од билетарата на дискотеката и притоа за тоа не им била издадена фискална сметка. И двајцата кажаа дека настрадале од стампедото кое настанало при излезот од вратата.

Сара Велинова, сведок

Пред 16 март 2025 година, во дискотеката последно бев во 2024 година. Овој пат немаше тераси и плафонот беше спуштен надолу. Накај 2:30 некој почна да вика да излеземе надвор. Од она што го видов тогаш, плафонот веќе беше до половина изгорен. Тогаш сите почнавме да излегуваме надвор и имаше многу гужва. Она што го памтам е дека стигнав скоро до вратата и тогаш настана стампедо. Паднав на земја и не се сеќавам на ништо. Се разбудив надвор на паркинг. Имав изгореници на зглобот, колкот и рамото.

Пред почнувањето на денешното рочиште, Јулија Златкова, мајка на едно од загинатите деца рече дека имаат сознанија дека братот на сопственикот на дискотеката „Пулс“ од затвор врши притисок врз сведоците.

Јулија Златкова, мајка на Томас Златков

- Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј кој се наоѓа на одржување мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење телефон на лицето Тодор Јованов, брат на монструмот кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните институции да го проверат телефонот и комуникацијата која е правена од овој телефон. 

Адвокатот Еленко Миланов рече дека за поголем број од луѓето кои се осомничени постапката треба да запре бидејќи што не биле приустни таа вечер во дискотеката „Пулс“.

Еленко Миланов, адвокат

- Во однос на поголем број од овие луѓе кои се овде постапката треба да запре затоа што лица кои што не се присутни таа вечер и не се на доплжност со конкретни обврски кои можеле да бидат преземени или непреземени како пропуштање за причина за настанување на самиот пожар и псоледиците кои насатанле од нив. Имаме сведоци кои потврдија дека пиротехниката е местена донесена и припремена од самата група сол што веќе државните службеници од поголем бројк на институциите овде не можат да останат во постапката.

На денешното рочиште не беше сослушан последниот сведок бидеќи судењето беше прекинато на барање на одбраната на газдата на објектот Гроздан Милковски поради влошување на неговата здравствена состојба. Наредното судење е закажано за 19 февруари.