Родителите на загинатите од Кочани пристигнаа пред Судска медицина, бараат средба со директорот
Дел од родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани стигнаа пред Судска медицина, каде што бараат средба со директорот. Велат дека и покрај бројни дописи и барања до институциите, немаат добиено клучни резултати од обдукциските и токсиколошките анализи, вклучително дали биле земени биолошки примероци или дали е испитувано присуство на отровни супстанции.
Истражната постапка за пожарот во клубот „Пулс“ официјално заврши со пријавени околу 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност, а доказите вклучуваат материјали, обдукциски вештачења и изјави на стотици сведоци, додека одбраната започна со увид во доказите.

