Родителите на загинатите деца во Кочани ќе почекаат уште за детали од истрагата врз полицајците кои кобната вечер биле на служба во „Пулс“
Ќе “падне“ ли државниот обвинител Коцевски? На само еден ден пред расправата за интерпелацијата за републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, а која ја поднесе партијата Левица, премиерот Мицкоски со краток и остар одговор само нагласи дека ставовите не ги менува преку ноќ.
Јавниот обвинител категоричен дека немал влијание, ниту пак договор со премиерот Мицкоски, а во својот официјален одговор доставен до Собранието меѓу другото потенцираше и дека интерпелацијата е политички атак врз независноста на Обвинителството.
Во меѓувреме, продолжува истрагата за кочанската трагедија. Ванчо Шехтански, адвокат на седум обвинети за катастрофалниот пожар во Пулс, за 24 вели дека со над 25 годишно искуство досега нема видено вакво обвинение, бидејќи, како што нагласува, има над 46 илјади докази, по основ на само едно обвинение.
Продолжува постапката и за над 20-те полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип, но кога и колку од нив ќе бидат обвинети ќе се знае откако ќе заврши истрагата, брифираат за 24 извори од Обвинителството, од каде велат дека сè уште не се знае ниту дали предметите за полициските службеници и првично обвинетите ќе бидат споени.
Инаку, Обвинителството товари 34 физички и 3 правни лица за Тешки дела против општата сигурност, а обвинението сè уште е во фаза на оценка во Кривичниот суд.

