Родителите на убиената Емилија од Штип: Очекуваме и сакаме доживотна затворска казна за убиецот на нашата ќерка

Сакаме доживотна затворска казна за убиецот на нашата ќерка. Вакви се очекувањата и барањата на родителите на убиената Емилија од Штип. Во Основниот суд во Штип денеска започна судењето против Фадил Зејнелов, осомничен дека на први ноември минатата година ја убил 29-годишната Емилија Пешева која зад себе остави едно малолетно дете.

Тој денеска пред судот ја призна вината, а мотивот за извршеното убиство рече дека е неверство. Меѓутоа, родителите бараат доживотна казна затвор за сторителот бидејќи, како што велат, тој во повеќе наврати вршел семејно насилство и бил пријавуван.

И адвокатите на семејството Пешеви побараа доживотна казна затвор за сторителот, бидејќи, како што посочија, убиството го извршил при семејно насилство, односно фемицид.

Родителите на Емилија сметаат дека правдата за нив е доживотен затвор за убиецот, бидејќи како што сведочат, Зејнелов по извршување на убиството веднаш не се пријавил во полиција, туку заминал да ги потроши во коцкарница парите кои ги земал од нивната ќерка, а имало и десеттина повици упатени кон мајката на Емилија за да праша дали нејзината ќерка се вратила дома.

Откако се осигурал дека Емилија не се вратила, тогаш се пријавил во полициската станица во Штип. Инаку, пресудата за овој судски процес ќе биде објавена во среда на 12 февруари.