Родителите кои се против дигиталните учебници најавуваат протести

Наместо бојкот на наставата-протести. Родителите кои се против дигиталните учебници,  ќе протестираат низ повеќе градови во земјава.

Претставниката на групата Учебници и настава мора да има Драгана Спасевска вели дека во следните денови на улица ќе го искажат своето незадоволство од новиот предлог закон за учебници. Револтирани се што министерката за образование Мила Царовска не ги примила на повторна средба.

„Не добивме официјален одговор од МОН по однос на нашите барања доставени и разговарани на работната средба одржана на 06 Мај, ниту пак го добивме Записникот од средбата согласно договореното со претставниците од МОН..Имено, како што најавивме, следните чекори се организирање на „МИРНИ ПРОТЕСТИ“ во градовите низ Македонија и „МИРЕН МАРШ“ во Скопје.“ - стои во фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“.

Министерката Царовска е децидна дека барањата на родителите практично се остварени бидејќи и учебници и настава ќе има. Дека учебниците не треба да бидат заменети, сметаат и дел од наставниците.. Бараат од надлежните да не се брза со дигитализацијата. 

Поради незадоволството од предлог законот да се заменат хартиените учебници со дигитални, родителите од пред десетина дена повикуваат на бојкот на наставата. Покрај нивното барање хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, побараа и задолжително нивни стручни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работната група за измени во законот.

Според предлог законот, дигитализацијата на учебниците треба да започне следната учебна година, за учениците од четврто одделение, а потоа етапно да се воведува и во погорните одделенија.