РКЕ: Бенефит од евтината струја граѓаните ќе имаат на почетокот на 2024, ЕВН до тогаш ќе ги сетира сите броила

Слики и видеа со броила за струја, последниве две дена ги преплавија социјалните мрежи. Граѓаните се револтирани дека и покрај најавите за евтина дневна тарифа, на броилата во периодот од 13 до 15 часот потрошената електрична енергија им се тарифира по скапа тарифа.

Дополнително нејаснотии во јавноста има и од најавите дека сметките за струја ќе бидат надополнети и со нова ставка која ќе влијае врз висината на крајната цена. Граѓаните бараат одговори од Регулаторната комисија за енергетика, но од ова независно тело за ТВ 24 велат дека во вторник ќе дадат објаснување за сите прашања поврзани со енергетиката во земјава.

Претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски веќе изјави дека не е реално 600 илјади броила да бидат сетирани во еден ден. Како ќе се прилагодуваат, така ќе ја добиваат евтината тарифа, вели регулаторот.

„Никој нема да биде оштетен. Потрошувачката за декември, како ќе биде отчитувањето целосно, и фактурата која ќе ја добијат домаќинствата за месец декември ќе биде со целосно променета евтина тарифа.“ - вели Бислимовски.

Од ЕВН Македонија велат дека воведувањето на евтина тарифа се прави по истиот принцип како и со укинувањето, односно тие домаќинства на кои први и беше укината оваа бенефиција сега први повторно ќе ја добијат. До крајот на месецов сите далечински броила ќе добијат евтина тарифа, уверуваат од приватната енергетска компанија.

„На сетирањето на броилата на евтина тарифа се работи секојдневно, а на секое броило сетирано од овластените стручни екипи ќе појавува опцијата Т1 за висока тарифа и Т2 за евтина тарифа. Така, секој потрошувач ќе може точно да види на која тарифа е моменталната потрошувачка. Овие ознаки се јавуваат само кај броилата кои веќе се сетирани.“ - велат од ЕВН Македонија.

А до крајот на месецов ќе треба регулаторот да ја објави и новата цена за електрична енергија која ќе важи во следните шест месеци. И покрај неколкуте сегменти кои не одат во прилог на домаќинствата , како повисоката цена на ЕСМ која е понудена на тендерот на ЕВН за набавка на струја, плус пет отсто од потребните количини ќе треба да се купуваат од берзите каде цените се драстично повисоки и надминуваат 150 евра за мегават час, регулаторот ќе треба да најде креативно решение како што вели, за граѓаните да не добијат неочекувана честитка за Нова година која нема да ги направи среќни.

За две недели Регулаторната комисија за енергетика ќе ја соопшти одлуката трошоците за мрежарините, потоа следува Универзалниот снабдувач, односно ЕВН Хоум да направи пресметка за крајните цени за домаќинствата и малите потрошувачи да ја достави до регулаторот кој треба да направи мониторинг и доколку има забелешки на таа пресметка ЕВН има обврска да направи корекции.

Во однос на новата давачка, информациите велат дека таа ќе се однесува за пристап до мрежа, односно ќе се прави правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.