Ристовски во СТУДИО 10: Министерството за спорт ќе се грижи за спортистите, но и за идните спортисти почнувајќи од градинка

Ќе има унапредување со формирањето на Министерство за спорт наместо Агенција за спорт затоа што министерот присуствува на владините седници, заема активно учество по точките кои ги предложило министерството. Од друга страна институционално спортот е многу посилен и располага со сопствен буџет. Освен тоа, сите спортисти ќе имаат свој дом каде ќе можат да дојдат и да се пожалат, вели Борко Ристовски, министер за спорт, во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Ние функционираме како министерство нецели две недели, но треба да се завршат уште некои технички работи иако Министерството е функционално. Сега треба да се направи и ребаланс на буџетот. Инаку, во Министерството се преземени вработените од Агенцијата за спорт и млади, иако ќе треба да се направи нова систематизација како и кај сите министерства оти ова повеќе не е агенција. Градиме нешто што треба да биде сериозна институција која ќе гради сериозни политики за спортот, вели Ристовски.

Ристовски вели дека стратегијата ќе биде готова за две недели и ќе ги опфаќа сите сегменти на спортот од градинка до рекреативен и врвен спорт, а приоритет ќе бидат младите спортисти и идните спортисти.

- На децата во градинка ќе им се овозможи да имаат двапати во неделата часови по физичко образование со адаптирани вежби за развој. Потоа ќе се направат тестирања за да знаеме како држава со каква младина располагаме. Сакаме да го разбиеме моделот децата да седат со телефони, а сакаме да поттикнеме натпреварувачки дух, вели Ристовски.

Тој додава дека потоа следува унапредување на училишниот спорт и универзитетскиот спорт, а ќе се вложуваат повеќе средства.