Ристоска до Апелација: Не фалат докази, туку судот толкувал без поткрепа на закон
Ослободителната пресуда не е донесена поради недостиг на докази, туку поради толкување на судот кое не наоѓа правна поткрепа во законите. Поранешната обвинителка Ленче Ристоска ја критикаува конечната одлука на Апелација во случајот „Талир 2“. Станува збор за предметот за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во кој обвинителството тврдеше дека партијата добила многу поголема вредност од градежната компанија „Бетон“, отколку што вредело земјиштето што ѝ го дала. Ристоска предупредува дека со ваквата пресуда се отвора врата фирми што заработуваат од државата, потоа на политичките партии да им враќаат со пари или со имот.
„За Апелациониот суд не е спорен фактот дека компанијата Бетон добивала државни пари и дека го изградила партиското седиште и исплатила пари на ВМРО ДПМНЕ. Тоа што Апелација го спори е значењето на терминот “јавна услуга“ и како одлучувачки правен критериум конструира дефиниција изразена во една дескриптивна реченица која што има енциклопедиски призвук и за која не е наведена законска поткрепа од македонското законодавство. Ова е многу паушално објаснување за вака значајно и сериозно прашање, со долгорочни последици по однос на политичката и високата корупција и злоупотребата на буџетски пари.“
Според Ристоска, суштината е едноставна, законот треба да спречи државните пари, преку приватни компании, да завршуваат кај политичките партии. Таа посочува дека во тоа време повеќе од 75 проценти од приходите на „Бетон“ доаѓале од државата. Но, Апелација оценила дека градежните работи што фирмата ги вршела за државата не можат да се сметаат за „јавна услуга“.
„Спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градење на објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на Бетон, не придонесуваат за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помагаат во развојот на општеството во целина.“
Ристоска го застапуваше предметот „Талир 2“седум и пол години, сè до пред крајот на судењето. Пред шесет месеци новиот државен обвинител Ненад Савески ги повлече овластувањата со кои таа ги водеше предметите „Талир“.Ристоска тврдеше дека со тоа веќе немала основ да продолжи да работи на „Талир 2“. На 2 април таа поднесе оставка од обвинителската функција, велејќи дека повеќе не гледа простор да работи според своите професионални принципи. Неколку месеци подоцна Кривичниот суд го ослободи екс премиерот Никола Груевски кој беше првообвинет во предметот, а на 26 август Апелација ја потврди ослободителната пресуда.

