Ристески пред средбата со производителите, трговците и дистрибутерите: Не смее да има воени профитери што ќе заработуваат на грбот на граѓаните
Во 15 часот попладнево ќе почне средбата со производителите, трговците и дистрибутерите во Министерство за економија.
Како што изјави заменик-министерот за економија Марјан Ристески, на средбата уште еднаш ќе биде испратена пораката дека не смее да се профитира на грбот на граѓаните. Нема да се толерира некоректност. Ако се констатира непазарно однесување и енормно зголемување на цените, не е исклучено да се преземат соодветни мерки.
- На средбата ќе бидат презентирани анализите на Државниот пазарен инспекторат во однос на цените - како се движат цените на основните прехранбени производи, оние потребни за едно просечно македонско семејство. Направена е анализата длабински за повеќе месеци, ги имаме податоците, ќе бидат соопштени и ќе бидат дадени одредени препораки од страна на Министерството за економија и понатаму да се придржуваат со цел да го заштитиме сите животниот стандард. Меѓутоа, што конкретно ќе се дискутира и што ќе произлезе од оваа средба, ќе имаме информација по 15 часот - истакна Ристески одговорајќи на новинарски прашања по состанокот во Занаетчиската комора.
На прашањето дали очекува, поради растот на цените на горивата, да поскапат и другите производи, заменик-министерот нагласи дека Владата ја следи состојбата и е подготвена да се справи со сите предизвици.
- Живееме, за жал, во турбулентен период, има војна, нема војна. Непредвидлива е ситуацијата на Блискиот Исток. Ние како Влада сме исправени пред сите предизвици. Досега барем покажавме и докажавме дека сме навистина кадарни да се справуваме со вакви ситуации - светски економски кризи и енергетска криза како што е оваа, една од најголемите во последните четири-пет децении во целиот свет. И покрај зголемувањето на цените на енергентите, на нафтата и нафтените деривати, ние останавме како земја со најниска цена на нафтените деривати и нафтата, меѓутоа и најниска цена на основните прехранбени производи, а тоа го покажа и стапката на инфлација за претходниот месец. Сè што следува понатаму ќе го следиме. Денеска и премиерот најави од Велес дека ќе имаме вонредна седница на Владата за кризната состојба и кои мерки ќе бидат преземени за намалување на акцизите, соодветни мерки, кои нема да направат голем потрес во загрозување на животниот стандард на граѓаните, меѓутоа и нема да направат голем потрес во нормалното функционирање на стопанството и економијата во Македонија - рече Ристески.

