Рибокрадци продолжуваат да го "пустошат" рибниот фонд на Охридското Езеро
Нема спас од рибокрадците.И покрај засилените контроли продолжува на црно да се пустоши рибниот фонд. Полицијата пред некој ден во близина на селото Пештани фати крадци со 11 рибарски мрежи и улов од 537 парчиња охридска белвица со вкупна тежина од околу 55 кг.
И белвицата како и пастрмката е ендемски вид. Експертите од областа велат дека освен засилени контроли и драконски казни треба да има почести порибувања особено со пастрмка.
Инаку рибокрадството е најприсутно за време на мрестот на рибата. Статистиките говорат дека наместо да се намалува и искоренува дивиот риболов зема замав. Во текот на 2024 година од страна на службениците пронајдени и одземени биле вкупно 4 113 парчиња риба, односно 572,55 кг разновидна риба додека во 2023 година се пронајдени 2 638 парчиња риба или 390,98 кг.
Одземените риби кои потекнуваат од кривично дело или прекршок со потврда за предавање на привремено одземени предмети се предаваат на КПУ „Затвор“ Охрид. Претходно рибите се прегледуваат од страна на стручно лице од Хидобиолошкиот институт кој утврдува за кој вид на риба се работи и во каква состојба е истата.

