Рибокрадци го пустошат Охридско езеро, полицијата лани запленила двојно повеќе риба од 2023
Бизнисот со рибокрадството во Охридското Езеро "цвета." Минатата година запленета е двојно повеќе риба во однос на 2023 година информираат од СВР Охрид.
Пронајдената риба која давала знаци на живот се враќала во езерото.
„Во текот на 2024 година од страна на службениците од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и Државниот инспекторат за земјоделство Охрид, пронајдени се и одземени вкупно 4 113 парчиња риба, односно 572,55 кг разновидна риба (не вклучувајќи ја рибата грунец и плашица во парчиња која се пресметува во килограми). Во 2023 година се пронајдени вкупно: 2 638 парчиња риба односно 390,98 кг разновидна риба. Одземените риби кои потекнуваат од кривично дело или прекршок со потврда за предавање на привремено одземени предмети се предаваат на КПУ „Затвор“ Охрид. Претходно рибите се прегледуваат од страна на стручно лице од Хидобиолошкиот институт кој утврдува за кој вид на риба се работи и во каква состојба е истата." - информира Стефан Димоски портпарол СВР Охрид.
Рибокрадството е најприсутно за време на мрестот на рибата. Со изборот на новите седум концесионери за стопански риболов на 12 години ќе има поголема контрола врз езерото и ќе се спречи масовното рибокрадство смета министерот за земјоделие Трипуновски.
Дел од екологистите и риболовните здруженија сметаат дека издавањето под концесија само ќе ја влоши и така лошата состојба со рибниот фонд. Инаку езерото повеќе од пет години е без концесионер, откако на претходниот му беше одземена дозволата.
Сега е поделено на седум риболовни зони и тоа: Радожда, Калишта, Струга, Охрид, Воска, Пештани и Трпејца. Покрај за стопански, државата го издава Охридско Езеро и за рекреативен риболов на 12 години.