Резолуцијата за Бугарија „заглави“ на уставното име
Foto

Резолуцијата за Бугарија „заглави“ на уставното име

Нема договор меѓу власта и опозицијата за Резолуцијата за Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат меѓусебно - за едните немањето компромис е продажба на идентитетот, за другите лажен патриотизам.

По седницата на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во кој со часови се расправаше за резолуцијата за Бугарија и изјавата на премиерот Заев дека во неа треба да стои уставното име на државата.

- За националните и државните интереси треба да го најдеме тоа што не обединува. Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по третпат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија. Обврска на државниот врв е да обединува, а не да разединува. СДСМ го прави токму второто. -  изјави Тимчо Муцунски ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ порачаа дека одредбите на македонскиот Устав не може да се почитуваат селективно, а ВМРО ДПМНЕ мора да го почитува тоа, за да има договор. 

- Македонските државни позиции се силни и јасни, но ќе бидат уште посилни ако ВМРО-ДПМНЕ го прифати Договорот од Преспа како реалноста, реалност која овозможи Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО Алијансата со меѓународно потврдени македонски јазик и македонски идентитет. Мицкоски очигледно одбра да продолжи со неодговорното и несериозно однесување. - велат од СДСМ.

Вчера премиерот Заев изјави дека за владејачкото мнозинство е неприфатлива Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ поднесена во Собранието за заштита на националните црвени линии во преговорите со Бугарија, затоа што во неа не се користи уставното име на земјата. Од ВМРО- ДПМНЕ  реагираа и обвинија, дека со ваквите изјави Заев наметнува игри и остава простор за продажба на идентитетот.

Засега преговорите за Резолуција се статус-кво. ДУИ бара од ВМРО-ДПМНЕ да биде конструктивна опозиција и со своите потези да не им наштетат на евроинтегративните процеси. Алијанса за Албанците и Алтернатива се воздржани.

0 Коментари

Остави коментари