Режисерот Антонио Митрикески лауерат на наградата „Астер“
Лауреат на наградата „Астер“ на годинешниот 19. „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески.
Одлуката ја соопштија денеска од „Астерфест“, а во неа стои дека исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митрикески заземаат посебно место во македонската, балканската и европската кинематографија.
Покрај Милчо Манчевски и Митко Панов, Митрикески е еден од најизразитите македонски претставници на генерацијата филмски автори кои започнаа да го градат својот опус и постигнаа видни успеси веднаш по осамостојувањето на Македонија.
Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица, а статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.
19. „Астерфест“ во Струмица започнува на 1 август (четврток) во Амфитеатарот, во 20:30 часот и тој годинава ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Покровител на фестивалот е Општина Струмица.