Ревизорскиот извештај за Институтот за јавно здравје под лупа на Антикорупциската комисија

Плата без работа, незаконски додатоци и сомнителни набавки – ревизорските наоди за работата на Институтот за јавно здравје се на маса пред антикорупционерите..... 

Претседателот на државната комисија за спречување корупција - Адем Чучуљ за ТВ24 вели дека предмет на анализа ќе биде и прославата на која се потрошиле вртоглави суми на пари од буџетот, но и набавката на кабел од 15.000 евра за кој нема податок каде се наоѓа и дали воопшто бил користен....

Адем Чучуљ – Претседател на ДКСК: „Ние оценивме дека имаме основ да отвориме предмет во рамките на нашите надлежности, најпнапред да го видиме целпосниот извештај на државниот завод за ревизија, дополнително со оглед на фактот дека слушнавме дека и МВР имаат отворено предмет ќе бидеме во комуникација и со МВР и со јавното обвинителството да видиме по кои наводи и тие ќе постапуваат и од тоа ќе зависи и нашето постпаување. Генерално неколку наоди слушнавме како кабел од 15 000 евра кој што е набавен дополнително организирање прослава со огормни буџетски средства исто така голем број на лица кои зимале јавни средства, односно биле платени, а не оделе на работа“..... 

Од МВР веќе потврдија дека документите се доставени кај нив уште минатата година, но предметот е се уште во предистражна фаза и не се откриваат повеќе детали, додека пак од финансиската полиција велат дека -  управата би се вклучила во случајот - ако обвинителството го побара тоа. 

Управа за финансиска полиција: „Имајќи предвид дека согласно информациите објавени во јавноста по предметниот случај веќе постапувал друг орган на правосудната полиција, а со цел избегнување на непотребно повторување на процесните дејствија, Управата за финансиска полиција би се вклучила доколку надлежното јавно обвинителство оцени дека за тоа постои потреба и издаде соодветни наредби или насоки, односно доколку во рамките на своите законски надлежности дојде до сознанија што упатуваат на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело за кое е надлежна да постапува“. 

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека нема да бара внатрешна контрола и во други здравствени установи,  порачувајќи дека се знае дека ако некој доаѓа на работа неоправдано три дена по ред треба да добие отказ.

Освен во Институтот за јавно здравје, државните ревизори открија слични вакви неправилности и во Министерството за политички систем, во Академијата на судии и јавни обвинители како и во други државни институции. 

Сепак според експертите -  без конкретни казни, судски одлуки, плаќање отштета не може да се очекува подобрување на состојбите и сузбивање на корупцијата.