Ревизорски извештај: Неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот

Државата не се грижи домаќински за својот имот, констатирале ревизорите. Тие оценуваат дека  постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот.

Утврдено е дека законската регулатива не предвидува обврска за изработка и донесување на стратешки документи за управување со државниот имот, поради што Владата нема донесено национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту пак државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска за истото.

- Владата која располага со недвижниот имот во државна сопственост, може со одлука да го даде на времено или трајно користење, со или без надоместок, на државни органи, на правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации. Но со ревизијата констатирано е дека Одлуките на Владата немаат унифицирана содржина која ќе обезбеди целосни и следливи податоци и информации за институциите од кои се зема, односно на кои се дава правото на користење на имотот, начинот на примопредавање, со цел негово соодветно евидентирање. - велат од Државниот завод за ревизија.

Како резултат на ова и како што стои во извештајот на Државниот Завод за Ревизија, утврдено е различно постапување кај девет министерства при евидентирањето на деловниот простор што го користат.

- Од вкупно 1.214 објекти кои ги користат, за 1.002 објекти или за 83% имаат обезбедено одлука од Владата за право на користење, додека за 212 објекти, односно 17% немаат обезбедено одлука. 49% од објектите што се користат се сметководствено евидентирани, 29% се евидентирани во вонбилансната евиденција, додека преостанатите 22% од објектите воопшто не се евидентирани.

За тоа дека државата неефикасно управува и стопанисува со државниот недвижен имот говорат многуте напуштени и веќе руинирани државни вили и детски одморалишта ширум Македонија, а пример за недомаќинското работење на државата од поновата историја е комплексот Македонско село во скопско Нерези, еден од последните објекти кој од 2018тата е напуштен, а државата ја чинеше 6,5 милиони евра.