Ревизорот утврдил неправилности во работењето на ЈСП

Катастрофалните состојби со градскиот превоз во Скопје ги потврди и државната ревизија. Не е инвестирано во подобрување на возниот парк, превозниците работат со намален капацитет, ЈСП тоне во долгови и не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните.

Ова се само дел од наодите во извештајот на државниот ревизор за 2023 година. 

„Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените приватни превозници во вкупен износ од 1,5 милиони евра. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80% во текот на месецот.“ - ДЗР.

Освен тоа утврдени се и неправилности во пресметката на бруто платата на вработените поради неправилна примена на законските прописи и колективниот договор.

- Поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување на ЈСП „СКОПЈЕ“ од страна на Советот на Град Скопје, потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедува со ангажирање на 221 лице даватели на услуги/возачи кои треба да ја вршат основната дејност, во континуитет и за период подолг од две години, за кои во 2023 година се евидентирани расходи во износ од 4 81.805 илјади денари. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во претпријатието. - ДЗР.

Со ревизијата е утврдено и дека Владата не одобрила пари од буџетот на Министерството за образование за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на студентите во изминативе две години,  

- МОН две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите, за секој извозен километар се прави трошок од два денари, а приход од еден денар. Субвенционирањето од Град Скопје во висина од околу 10 милиони евра, не е доволно за претпријатието да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје. - ДЗР.

Скопјани веќе со месеци наназад мака мачат со јавниот превоз. Автобусите доцнат, често пати се расипуваат и ги оставаат патниците на сред пат, а нема ниту точен возен ред... Проблемот со превозот стана мета за препукување помеѓу локалната и централната власт, но решение засега нема на повидок.