Ревизорот со серија критики за работењето на општина Сарај
Неевидентиран имот, инфраструктурни објекти без технички прием и незаконски спроведена постапка за 25- годишен даден закуп на Спортско-рекреативниот објект и базен – низа неправилности во работењето на општината Сарај откри државната резивија.
Според ревизорскиот извештај, Општината Сарај во 2024 година исплатила речиси половина милион евра субвенции на јавни претпријатија без никаква програма и без да приложат фактури.
Во општината се ангажирале лица со договор на дело за редовни административни работи со месечни паушални исплати за речиси 100.000 евра, но се финансирале и здруженија и поединици за над 70.000 евра без правилник со критериуми за распределба на средствата.
Ревизорите укажуваат и на други пропусти.
ДЗР
- Поради не обезбедена документација за извршен технички прием, инфраструктурните објекти (примарна и секундарна канализациона мрежа, системи за одведување и пречистување на отпадни води, за водоснабдување, изградба и реконструкција на локални улици и патишта), со вредност од 128.992 илјади денари, односно 2.097.431 евра и покрај тоа што се користат, не се официјално воведени во употреба и се водат како инвестиции во тек без да се пресметува амортизација.
Извештајот исто така утврдил дека базенот во Сарај бил даден под закуп спротивно незаконски.
ДЗР
- Спортско-рекреативниот објект и базен во Сарај издаден е под закуп на период од 25 години, без спроведување на законски пропишаната постапка за долгорочен закуп, каде секој договор за користење/издавање на недвижен имот што надминува 10 години се смета за постапка за трајно отуѓување или долгорочен закуп и за правно валидно издавање на тој имот, мора да следи посебна постапка, согласности и дополнителни одобренија.
Утврдени се слабости и во јавните набавки. Општината реализирала набавки над вредносниот праг во вкупна вредност од 27.214 евра, што претставува надминување за 15.214 евра над законскиот лимит. Инаку Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство неодамна поднесе кривична пријава против неколку лица, поранешни функционери и службеници во општина Сарај...
Со пријавата се опфатени поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, двајца општински секретари, двајца раководители на секторот за урбанизам и еден помлад соработник....
Сите се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

