Ревизорите откриваат: ЈП "Колекторски систем" тоне во долгови и работи на "диво"
Јавното претпријатие „Колекторски систем“, задолжено за заштита на Охридското Езеро, пред колапс. Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија открива скандалозно работење – блокирани сметки, имот кој никаде не е запишан и сомнителни трошења на народни пари.Р
евизорите констатирале дека иако вреди над два милиони евра, колекторскиот систем изграден пред 35 години сè уште не е запишан во Катастар. Претпријатието нема имотни листови за речиси ништо, а работи и без соодветни дозволи од Министерството за животна средина.Дополнително сметката е блокирана уште од неговото основање во 2020 година. Добавувачите чекаат наплата во просек по три години, додека претпријатието не успева да наплати дури 6 милиони евра од водоводните претпријатија во Охрид и Струга.
Во 2024 година биле исплатени 8.500 евра за адвокатски услуги без соодветна документација. Дополнително врзани со штетен договор – а доколку сакаат да го раскинат, ќе мора да платат „пенали“ од над 23.000 евра.
Во извештајот на ДЗР меѓу другото е наведено и дека "колекторски систем" веќе 35 години работи без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање.Без протокомери за мерење на влезната вода, СКАДА-систем за мониторинг и контрола и агрегати за резервно напојување.Податоците се поразителни.
,,Се фактурираат само 33% од пречистената вода. Остатокот е загуба или нерегистриран проток, што укажува на сериозни дефекти во мрежата „Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициони програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро“.
Ревизијата открива и дека за побарувањата од околу 5,9 милиони евра од водоводните претпријатија во Охрид и во Струга, постои ризик да не бидат наплатени поради застареност и недостиг на правни механизми.
„Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, евидентирани се побарувања од поврзаните друштва ЈП ’Водовод’ Охрид и ЈП ’Водовод и канализација’ Струга во вкупен износ од 5 926 683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година“, се вели во извештајот.
Државниот завод за ревизија укажува на неминовна потреба од изготвување план за финансиска стабилност кој ќе вклучи реална проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за деблокирање на сметката и отплата на обврските, мерки за намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на претпријатието.

