Ревизија за Тирз: Празни зони и договори без покритие
Финансиски неправилности, недоволна искористеност на државниот имот и проблематични јавни набавки создаваат значајни правни и фискални ризици за Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), покажува деталниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата во 2024 година.
Ревизорите утврдиле состојби што резултирале со неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на сметката на основниот буџет (637), како и со мислење со резерва за сметката на буџетот од самофинансирачки активности (787), што укажува на сериозни слабости во финансиското управување и во усогласеноста со законите.
Технолошките индустриски развојни зони без целосна функција, милионски инвестиции без амортизација.
На територијата на државата се формирани 16 технолошки индустриски развојни зони и три индустриски зони, со кои управува ДТИРЗ, а во тек е и постапка за формирање нови зони во општините Куманово и Липково. И покрај тоа, ревизијата покажува дека значителен дел од постојните капацитети не се користи.

