Ревизија: Недостиг на инспектори, нецелосни евиденции и нецелосна употреба на „Е-инспектор“
Државниот завод за ревизија утврдил низа неправилности и неусогласености во работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за 2024 година. Поради констатираните состојби, ДЗР изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.
Во текот на 2024 година, ДПИ извршил 28.263 инспекциски надзори – 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Надзорите ги спроведувале 148 инспектори, односно само 47 отсто од 313 систематизирани работни места. Дополнително, пет одделенија немале раководител.
Ревизијата утврдила дека регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор сè уште не се воспоставени, додека апликацијата „Е-инспектор“ не е целосно ставена во употреба. ДПИ нема ниту единствена и целосна електронска база на податоци со методологија за проценка на ризик, што го отежнува планирањето и следењето на инспекциските активности.

