Ревизија: Најмалку 18,6 милиони евра за ковид тестови завршиле на сметките на приватнте клиники
18,6 милиони евра минимум толку пари се одлеале од џебот на граѓаните за ковид-тестови по приватни клиники, за две пандемиски години. И тоа само затоа што државата не обезбедила доволно термини за државно тестирање.
Ова го потврди Државниот завод за ревизија, во извештајот за работата на Фондот за здравство. Но, оваа сума е далеку поголема - зошто при пресметката на ревизорите е земена најниската наплатена цена за ПЦР тест, а не се влезени брзите антиген тестови.
- „Не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот.“- потенцираат ревизорите.
- „Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 819.240 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помал од 18,6 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест“, велат од ДЗР.
Податоците покажуваат дека од почетокот на пандемијата се направени: 1. 962.489 тестови во 33 приватни и јавни лаборатории, од кои 1.337.238 се ПЦР тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови.
Но, не биле проблем само ковид тестовите туку и кардиоваскуларно- хирушките услуги. Фондот за две години префрлил 20,4 милиони евра на три државни и две приватни клиники, но 95 Проценти од парите или над 19 милиони евра завршиле на сметките на приватните клиники. Ревизорите констатираа многу слабости и хаотични состојби во Фондот, но главно - огромен одлив на средства во приватното здравство.
- „Изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2020 година“, велат од ДЗР.
Немало ниту контрола за лекувањата во странство, за кои биле авансно префрлени 3,4 милиони евра. Се исплаќале пари за породилно и за лица кои оделе на работа и земале плата. На аптеките им се плаќале фактури. без да се провери објективноста. Имало помалку теренски контроли на ЈЗУ, но и фалинки во спроведувањето на јавните набавки.
Ревизорите констатирале недостаток на кадар, но и ангажирање на лица за кои не се знае ниту дали оделе на работа. Само во 2020 година за 51 лице се исплатени над 255.000 евра. Земале надоместок од 18 до 49.000 денари. А наредната година нивниот број се зголемил на 65.