Ревизија 2023: 60 отсто загуба на произведената вода во ЈП Исар

60 отсто загуба на произведената вода, недостиг од дозвола за депонирање и третман на отпадот, како и неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите на вработените се дел од нерегуларностите за 2023 годинаутврдени од Државниот завод за ревизија за Јавното претпријатие за комунално-производни и услужни работи „Исар“ од Штип.

Ревизорите констатирале  и доцнење во плаќањето на 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието, како што велат,  е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање.

- ЈП „Исар“ Штип доцни во исполнување на месечните обврски за износ од 25,227 илјади денари според спогодба со МФ и утврден динамичен план, за репрограмираниот долг по основ на искористен кредит во денарска противвредност од 2,6 милиони евра на МЕАП програмата за 2000 година.

Од ревизија велат и дека ЈП „Исар“ не поседува ниту дозвола за вршење на дејност депонирање и третман на отпадот издадена од МЖСПП, не врши мерење на изнесениот отпад, нема воспоставено евиденција и не доставува консолидиран извештај до стручниот орган.

Тие утврдиле и неправилности  во начинот на пресметка и исплата на платите.

- Колективниот договор на ниво на работодавач, за секоја помината година работен стаж на работникот му се исплатува додаток на основната плата во висина од 1 отсто, но не повеќе од 20 проценти за целокупниот работен стаж, наместо 0,5 отсто за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 проценти, како што е предвидено со законските одредби и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Еден од поранешните директорите на ЈП „Исар“ кој бил на позицијата во 2023 година, Кирил Зајков, и покрај забелешките на ревизорите, тврди дека во тој период биле донесени конкретни мерки кои имале за цел да придонесат за намалување на нерегуларностите. 

Препораки за преземање на мерки и активности за надминување на утврдените состојби даде и ревизија.