Ревидирани проекции на НБМ : 4% инфлација, раст на БДП за 3,5%

Народната банка ги ревидираше проекциите. Годинава економскиот раст ќе биде помал, а инфлацијата речиси двојно повисока од онаа што претходно ја очекуваа монетарните власти.

Гувернерот Трајко Славески вели дека причината не е во домашната економија, туку во надворешните шокови, пред сè војната на Блискиот Исток, поскапата нафта и глобалната неизвесност. Според него, Македонија како мала и увозно зависна економија, директно ги чувствува последиците од случувањата во светот.

Народната банка предупредува дека ако продолжи растот на цените и ако има поголем притисок врз девизниот пазар, можно е и ново зголемување на каматните стапки, што би значело и поскапи кредити за граѓаните и компаниите.

Славески предупреди и дека конфликтот на Блискиот Исток може да предизвика една од најголемите енергетски кризи во поново време. Дополнителен ризик, според Народната банка, е и тоа што од државата ќе се одлеваат повеќе девизи за увоз на поскапа нафта, енергенси и услуги, што ќе го влоши дефицитот.

Од Народната банка уверуваат дека засега нема опасност за стабилноста на денарот, но предупредуваат дека светската неизвесност останува висока, а Македонија влегува во период на побавен раст и повисоки цени. Во меѓувреме, јавниот долг достигна 10,75 милијарди евра или 59,7 проценти од БДП, додека опозицијата и дел од експертите предупредуваат дека просторот за нови задолжувања се стеснува.