Ревакцинирани 773.537 граѓани, трета доза примиле 24.021
Foto

Ревакцинирани 773.537 граѓани, трета доза примиле 24.021

Вкупно се вакцинирани 803 408 граѓани, ревакцинирани се 773 537, а трета доза примиле 24 021. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина. Во изминатите 24 часа се регистрирани 436 нови случаи со Ковид-19 и седум починати лица. Вчера починала и 17 – годишна пациентка која имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1.

Според податоците на Министерството за здравство, заклучно со 27 октомври, педесет и четири отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во изминатите 24 часа се направени 2.732 тестирања, а регистрирани се 436 нови случаи со Ковид-19. Регистрирани се и седум починати лица а оздравени се 321 пациенти.

Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера починала 17 – годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар.

Младата пациентка имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје и била мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите преземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката починала.

Досега во земјата се направени вкупно 1.375.566 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број КОВИД – дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 201.292, на оздравени пациенти е 187.695, на починати е 7.098, а на активни случаи изнесува 6 499.

Бројот на заразени и починати од Ковид-19 во другите држави се зголемува, болниците стануваат ковид-центри, а се заоструваат и мерките.

0 Коментари

Остави коментари