Ретки роднински оставки во државни фирми

Дел од семејните членови на државните функционери кои се вработија во државни институции, се повлекуваат од новите работни места. По бурата од реакици во јавноста, оставка од мајка си, прв најави пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов. Вели таа се повлекува од струмичкиот Централен регистар од морални причини, иако тврди дека вработувањето било законско.

- „Мојата мајка е вработена на транспарентен, јавен оглас, каде што се испочитувани сите законски процедури. Јас разговарав со нејзе и таа ќе се повлече од работното место. Очекувам овој принцип на висок морал да го следат и останатите функционери“ - изјави денеска Костадинов.

Од работното место во Агенцијата за супервизија на осигурување се повлекол и Кристијан Мисовски, син на пратеникот Горан Мисовски, кој за ТВ 24 вели дека отказот на неговиот син стигнал и пред повикот на премиерот Зоран Заев за оставки. Останатите функционери кои своите блиски ги „вдомија“ во државни институции како како пратеничката Мира Стојчевска, Александар Кирацовски, собранискиот спикер Талат Џафери, министрите Крешник Бектеши и Асаф Адеми, не одговорија на нашите прашања, дали членовите на нивните семејства ќе се повлечат од новите работни места.

А додека, јавноста ги чека оставките, опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска со нови обвинува за вработувања по семејна линија.

- „Дека непотизмот не е еден случај и единствен, туку е начин на работење на СДСМ, говори и примерот со пратеникот на СДСМ од неготино, Ристе Ташев, чија што сестра Катерина Јорданова се вработила во Основното Училиште Страшо Пинџур“ - изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Нови вработувања во меѓувреме има и во ЕЛЕМ, а за телевизија Алсат веќе потврдија дека се вработил синот на заменик-генералниот секретар на Владата, Тахир Хани и сопругата на шурата на министерот Бектеши.

На прашање, како ќе ја спречат оваа пракса која според информациите во јавноста, очигледно продолжува, министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски не се согласува дека е така, но сепак вели дека подготвуваат законски измени за професионализација на администрацијата.

- „Многу брзо ќе го презентираме овој концепт, кој е сосема нов закон за високо раководна служба, каде што главното нешто ќе биде дека изборот на овие луѓе ќе го врши комисија во која ќе има претставници од институциите, но и претставници надвор од институциите.“ - изјави Манчевски.

Манчевски смета дека нема ништо спорно во вработувањата, бидејќи како што претходно рече, членовите на СДСМ десет години биле дискриминирани. Вработувањата на нивните блиски семејни членови, ќе ги истражува и Антикорупцсиката комисија, од каде велат дека оставките се морален чин, но тоа не ги амнестира од одговорност, односно, сите отворени предмети ќе се истражуваат за да се открие како функционираат институциите и дали имало злоупотреби. Засега, антикорупциска донесе само една одлука – во која не најде ништо спорно што токму меѓу нејзините членови се најде баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери.