“Репортери без граници“: Македонија рангирана на 36-то место, за две места подобро од лани
Македонија бележи скок од две места во однос на минатата година и има најдобра оценка споредено со земјите во регионот, покажува Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници. Сега се наоѓа на 36-тото место. Во оваа класификација се опфатени 180 држави од целиот свет.
Во споредба со земјите од регионот, пак, Северна Македонија е најдобро рангирана. По неа следуваат Црна Гора (40), Словенија (42) и Хрватска (48). Косово е на 75. место, Босна и Херцеговина на 81, Србија на 98 и Албанија на 99.
Сепак, Репортери без граници ја нотираат високата недовербата во медиумите. „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, нотира меѓународната организација.