Рекордни 22 трки следната година во Мото ГП шампионатот

Рекордни 22 трки ќе се одржат следната сезона во Мото ГП шампионатот, соопштија денеска организаторите. Во годината кога Мото ГП ја слави својата 75-годишнина, во 2024 година ќе се одржат 22 трки во 18 земји.

Сезоната ќе започне на 10 март со трката во Катар, а ќе заврши на 17 ноември во Валенсија. Трките се групирани географски за да им се олесни на тимовите да патуваат.

Големата награда на Арагон, која ќе се одржи на 1 септември, се враќа во календарот. Во Шпанија ќе се одржат четири трки, а новина во календарот е трката во Казахстан, која за првпат ќе организира натпревар во „кралската“ класа.

Пред летната пауза ќе има 11 трки, а исто толку и по паузата која е закажана од 7 јули до 2 август.

Шампионатот започнува на 10 март во Катар, а втората трка е закажана за 24 март во Португалија. Трката во Аргентина се вози на 7 април, а седум дена подоцна се одржува и трката за Големата награда на САД.

Претпоследната трка на програмата е на 3 ноември во Малезија, а сезоната завршува на 17 ноември во Валенсија. Домаќин на резервната трка ќе биде Унгарија на патеката Балатон.