РЕК Битола остана без еден блок – превентивно е исклучен

Во услови на минусни температури и зголемена потрошувачка на струја, земјава повторно остана без еден блок во РЕК Битола. Снегот кој интензивно падна во битолскиот регион, го натера раководството на најголемиот производствен капацитет да го исклучи Блок 1. Јагленот е влажен, па мора да му се дотура многу мазут, а тоа може да ја оштети постројката. Од државните електрани уверуваат дека оваа превентивна мерка нема да трае многу долго.

Во услови на енормна влага кај депонираниот јаглен поради интезивните снежни врнежи, потребната моќност на термоблоковите може да се постигне само со користење на огромни количини на мазут – што може да доведе до нарушена работа на котелот. Со оглед дека се очекува стабилизација на времето и со тоа и подобрување на квалитетот на јагленот, застојот нема да биде подолг од неколку денови.

Во моментов РЕК Битола произведува само со еден блок, а струја за домаќинствата и малите потрошувачи произведуваат и ЕСМ Енергетика – Когел, расположливиот хидропотенцијал и ветерниот парк Богданци. За да ги задоволи потребите на овој пазар, на земјава дневно и требаат околу 15 илјади мегат часови струја. Производните капацитети кои се во државна сопственост обезбедуваат осумдесеттина отсто, а останата количина од 3000 до 4000 мегават часови се купува на берза, со што дневно се трошат и до половина милион евра. Сепак, од ЕСМ велат дека исклучувањето на Блок 1 во РЕК Битола нема да го зголеми увозот, туку недостигот ја компензираат хидроцентралите. Според податоците на ЕСМ, оттаму доаѓа половина од струјата која ја произведуваат државните електрани. Во меѓувреме, ЕСМ не може да најде компанија која ќе копа јаглен. Високите критериуми за добивање на раобтата ги елиминираат фирмите кои аплицираат, па така, пропадна последниот тендер распишан во декември лани. Сега ЕСМ, во новиот јавен повик, ќе ги намалува критериумите.

Истовремено, во новообјавениот повик, на сметка на олеснетите критериуми за референци за ископ, ќе се бара поголема техничка опременост на компаниите, со цел да се зголеми квалитетот и обемот на услугата, како во делот на ископ на јаглен, така и во делот на ископ на јаловината, чиј третман е од исклучително значење за геомеханичката стабилност и функционалност на рудникот.

Ова доаѓа откако ЕСМ едносатрано го раскина договорот со Марковски компани, која ја обвини дека не ги политувала одредбите. До избор на нова фирма, јаглен ќе копа фирмата Топлина од Подмоље, со која државните електрани потришаа договор во четири очи, но тврдат дека добиле за 15 отсто пониски цени од оние на Марковски.