РЕК „Битола“ ја прекина соработката со „Марковски компани“
РЕК Битола раскина со Марковски компани. Двете фирми повеќе не соработуваат, откако најголемиот домешен производствен капацитет за струја еднострамо му го раскинал договорот за ископ на јаглен.
Според првиот човек на РЕК Битола Тони Петрушевски, Марковски компани не си ја извршил задачата од тендерот, со што го загрозил работењето на еден од рудниците каде што се копа јаглен, термоелектраната ја довел во состојба да купува дополнителни количини јаглен, а со тоа ја загрозил енергетската состојба во државата.
Со раскинувањето на соработката, РЕК Битола ја активирала и банкарската гаранција во износ од 2 милиони евра, коај ќе ја наплати од Марковски компани. Петрушевски вели дека Марковски компани, но и други компании, кои веќе имале добиени тендери откако новото раководство го презеде комбинатот, подолго време манифестирале непочитување на договорните обврски по сите основи, притоа грубо прекршувајќи ги одредбите од договорите кои ги имаат склучено со РЕК Битола.
На раскинувањето на соработката претходеле опомени и укажувања, но и покрај тоа, Марковски компани продолжил со несериозен однос, флагрантно кршејќи и непочитувајќи го договорот, тврди Петрушевски.
Од Марковски компани засега нема реакција на овие обвинувања. Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, Марковски компани е фирмата која лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори се за ангажирање механизација и работна рака во РЕК Битола. Во исто време, првиот човек на РЕК Битола соопшти дека комбинатот од вчера произведува електрична енергија.