Регулаторна разгледува нов модел за блок тарифите, дали батериите и Чебрен се клучот за енергетската иднина на Македонија?
До граѓаните да дојде струјата, која во дел од денот на берзите е 0 денари. Тоа е идејата на Регулаторна комисија за енергетика за промена на блоковското тарифирање. Ацо Ристов вели дека се разгледува евтината тарифа, наместо само ноќе, да се прошири и преку ден, кога фотоволтаиците произведуваат најмногу струја. Според него, наместо ЕСМ скапо да произведува струја од јаглен, идејата е да купува евтина струја од фотоволтаици и по пониска цена да ја продава понатаму, со што би се намалиле и сметките и загубите. Во моделот важна улога би имале и батериите, за дел од дневната евтина енергија да се користи и навечер.
Според Ристов, земјава веќе станува енергетски независна, а за четири години може да стане и извозно ориентирана. Сепак, ова не значи дека треба да се откаже од изградба на стратешки енергетски капацитети како хидроелектраната Чебрен, чија струја ќе биде базна енергија, велат експертите. Според Виктор Андонов, батериите можат да помогнат за краткорочно складирање на вишоците струја произведени преку ден, но не се доволни за сезонско балансирање на системот. Токму затоа, вели Андонов, Чебрен би имал клучна улога во идниот енергетски систем, особено во зимските месеци кога има помалку сонце и ветер, а потребите за електрична енергија растат.
Минатата недела од неформалното здружение Инженери на Македонија реагираа на изјавата на Ристов за можни измени на блок тарифите. Денеска се корегираа, наведувајќи дека погрешно го разбрале и изразија поддршка за евентуално намалување на цената на струјата поради зголеменото производство на евтина сончева енергија. Блок тарифите беа воведени пред четири години во ек на енергетската криза, за домаќинствата што трошат помалку да плаќаат пониски сметки, според принципот „кој троши помалку, плаќа помалку“.

