Регистрирани девет нови случаи со коронавирус во Прилеп и први два случаи во Крушево
Foto

Регистрирани девет нови случаи со коронавирус во Прилеп и први два случаи во Крушево

Бројот на инфицирани со коронавирусот во Прилеп се искачи на 33, откако денеска беа потврдени девет нови случаи. Во самоизолација се наоѓаат 134 граѓани. Во Инфективното одделение се три лица, а едно лице е во изолација и се чека развојот на неговата клиничка слика. Регистрирани се и првите два случаи на заразени од Крушево.

Зголемувањето на бројот на инфицирани лица ќе ја наметне потребата од ангажирање дополнителни медицински екипи од другите одделенија од Прилепската болница, кои ќе бидат ангажирани во Инфективното одделение. Ова го соопшти прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, по состанокот на Кризниот штаб.

-Земени се 20 нови брисови од граѓани, чиј исход го очекуваме во наредниве денови. Гледајќи го развојот на ситуацијата, можно е во следниве денови да има нови заразени граѓани со коронавирусот, па од тие причини апелирам до граѓаните ги намалат социјалните дружења. Не значи дека само полицискиот час и неодењето на работа или во кафулиња ќе го спречи ширењето на коронавирусот, туку и дружењето во домашни услови исто така ја зголемува можноста за нови заразени лица. Истовремено упатувам апел и до матичните лекари и до стоматолозите да бидат достапни за своите пациенти, тоа е нивна обврска, бидејќи на тој начин сомнителните случаи ќе бидат порано детектирани, изјави Јованоски.

Тој напомена дека зголемувањето на бројот на инфицирани лица ќе ја наметне потребата од ангажирање дополнителни медицински екипи од другите одделенија од прилепската Општа болница, кои ќе бидат ангажирани во Инфективното одделение.

0 Коментари

Остави коментари