Регионот е со дефицит од 190 илјади квалификувани работници и со можност за активирање на 2,8 милиони
Отстранување на административните пречки во трговијата, надминување на застоите при протокот на стоки преку проширување на зелените коридори, целосна меѓусебна хармонизација и признавање на трговската и фитосанитарната документација, како и етапно и забрзано приближување на домашните компании кон Единствениот европски пазар преку инструментите на Планот за раст, ова се само дел од иницијативи што ги презема
Стопанската комора. Од Комората повторно укажуваат на потребата од олеснување на новите прекугранични процедури, со цел тие да не прераснат во дополнителен финансиски и оперативен товар врз редовното деловно работење.
Од Комората потенцираат дека во изминатата деценија стоковната размена на Западниот Балкан со Европската Унија забележал стабилен раст, зголемувајќи се од 39,4 милијарди евра во 2015 година на над 88 милијарди евра во 2025 година, при што пазарот на Унијата апсорбира околу 77,5% од вкупниот извоз од регионот. Сепак, потенцираат дека, структурен предизвик претставува фактот што трговскиот дефицит на регионот со ЕУ исто така се зголеми, надминувајќи 14 милијарди евра во 2025 година, што јасно укажува на потребата од создавање производи со повисок степен на преработка дома.
„Истовремено, податоците покажуваат дефицит од околу 190.000 квалификувани работници во индустриските дејности, наспроти голем процент на економски неактивно работоспособно население. Со прилагодено образование и стручно оспособување, постои реален простор за постепено активирање на дел од тој потенцијал, кој на регионално ниво изнесува до 2,8 милиони луѓе. Дополнително, прекуграничните инвестиции меѓу самите шест економии сè уште учествуваат со помалку од 5% во вкупните инвестициски текови, што зборува за голем неискористен потенцијал за заеднички деловни потфати.“ - вели Даниел Матракоски – координатор за меѓународна соработка при Стопанската комора на СРМ.
На ниво на коморската заедница преку Коморскиот инвестициски форум се нотираат пет конкретни развојни иницијативи кон кои се насочува регионалниот деловен фокус: крај на нелојалната трка за странски инвестиции, вклучување на домашните фирми како главни снабдувачи, обука и вработување на домашните кадри наместо недостиг на работна рака како и директна и брза врска со Брисел за итно отстранување на бариерите.

