Реформска агенда: Филипче вели дека нема остварување, ВМРО ДПМНЕ тврди дека има напредок

Лидерот на опозицијата со критики до владата – жално е што реформите за европската интеграција на земјата не се спроведуваат. 

Додека премиерот Мицкоски со нетрпение ја очекува предлог-резолуцијата за црвените линии за националните интереси – лидерот на опозцијата Венко Филипче, како претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, на работилница со наслов „Придонесот на Собранието во ЕУ преговорите“, денеска испрати низа критики за застој на реформите кон ЕУ. Повика на политички консензус за уставните измени и реформската агенда – и потенцира дека Собранието треба да биде телото каде процесот ќе се одвива. 

Венко филипче СДСМ  – Нема друга институција во државата во која треба да седнат сите политички чинители и да го постигнат потребниот консензус. Ако и во формалниот дел, самото гласање се одвива таму, нема потреба да бараме други форми, кога тоа треба да биде еден подготвител процес во самото Собрание. Жалам што тоа не се случува во овој момент, со доволна динамика – како што треба да се случува. Се касни со носењето на приоритетните закони од реформската агенда, пред се од министерството за правда. Меѓутоа, има еден добар, позитивен момент, зашто имавме заеднички и натпартиски консензус во критиката на министерот за правда. 

Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека реформската агенда се почитува – но и дека тој нема увид поради тоа што се занимава со друга политика. 

ВМРО-ДПМНЕ - Единствениот успех на Филипче и неговата влада во делот на евроинтеграциите е сликата во авионот и промената на името. Реформската агенда и те како се почитува, се работи и се спроведува на дело, но Филипче нема увид во тоа бидејќи се занимава со друга политика, а тоа е ширење на омраза, малверзации и невистини.

И додека власта и опозицијата бараат заеднички јазик за евроинтегративниот пат на земјата, од Брисел вчера - нови пораки. По завршувањето на Советот за општи работи ГАК, каде пристуствуваа 4 земји кандидатки меѓу кои и Македонија – еврокомесарката за проширување Марта Кос алармираше дека ЕУ е загрижена за владеење на правото во регионот. Порача дека за првиот кластер – Основи, не може да има компромис.

Марта Кос еврокомесарка за проширување – Во овој контекст го презентирав Извештајот за владеење на правото за 2025та година, кој ги опфаќа 4те земји земји од проширувањето:Албанија, Цра Гора, Северна Македонија и Србија. Иако гледаме опиплив напредок во многу области, остануваат причини за сериозна загриженост. Мешањето во судските постапки, непримерниот притисок врз официјални лица кои истражуваат корупција, како и политизацијата на медиумските регулатори. И сето ова е неприфатливо. 

На министерскиот состанок на ЕУ во Брисел, присуствуваше министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој порача дека Извештајот за владеење на правото за  Македонија потврдил реален напредок, но дека остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат.

На крајот на октомври и почетокот на ноември, се очекува Европската Комисија да го објави извештајот за напредокот на земјата. На почетокот на јули, пак и ЕП донесе извештајза 2023та и 2024та година, во кој повика на темелна истрага за Кочани, а се потенцираа и партиски откази, назначувања на позиции, странско мешање, проект српски свет, отворање на досиеата на Удба и Кос, уставните измени.