Референдум за Преговарачката рамка – реален став на граѓаните или етно-политичка манипулација

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ мината недела едногласно донесе одлука за прифаќање на „инцијативата за референдум и народно изјаснување во однос на штетните делови“ од документите за старт на преговорите на земјава за членство во ЕУ, кои, според партијата, опфаќаат „целосна асимилација, промена на историјата и бугаризација“. Од партијата тогаш најавија период на процес на широка консултација со експертската и општествената јавност за природата, карактерот и формулацијата на референдумското изјаснување чија крајна цел, како што велат, е „народно спротивставување на идентитетско обезличување“.

Неколку дена подоцна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави консултации околу формата на референдумот – задолжителна или консултативна, за терминот на негово евентуално одржување, за тоа кој би го иницирал – пратеници или би се собирале потписи на граѓаните, како и дали тој да се однесува на Преговарачката рамка во целина или само на нејзиниот дел каде се споменува билатералниот Договор за добрососедство и пријателство склучен пред пет години со Бугарија. Според него, сите овие дилеми би можеле да биде искристализирани до септември, до кога ќе течат разговорите со коалициските партнери и консултациите.

Мицкоски истакна дека суверенитетот потекнува од граѓаните и ако власта е мудра и ако навистина го цени мислењето на граѓаните, треба да покаже демократски капацитет и да прифати референдумско изјаснување за Преговарачката рамка.

Според професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Ана Чупеска, процедуралниот аспект на самата референдумска иницијатива што се промовира воопшто не е спорен, но мотивите позади целата приказна се крајно сомнителни и во сето ова освен етно-популизам, таа не може да препознае ништо конструктивно.

– Многу е важна една друга фундаментална димензија при секој референдум, без разлика дали се организира кај нас или каде било каде во демократскиот свет. Таа димензија е поврзана со тоа дека референдумот не треба да биде средство со кое ќе се поентира популистички, а притоа да не им се предочи на граѓаните за реалните последици од одлуките кои ќе ги донесат. Затоа, без разлика каква е одлуката т.е. исходот од неа, политичките актери мораат јасно и прецизно да ги предочат опциите, последиците и придобивките. Би рекла дека е опасно референдум да се распишува во вжештена атмосфера и под силни емоции, а посебно во услови на дезинформациски хаос, затоа што, во такви околности граѓаните може да не резонираат рационално при одлучувањето. Важно е имено, да се знае точно за што се донесува одлука, какви се долгорочните ефекти од неа и последиците или придобивките, вели Чупеска.


Задолжителен или консултативен референдум

Науката го дефинира референдумот како облик на непосредно изјаснување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување на одредена одлука од посебно значење и претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната, односно директната демократија во светот. Во теоријата се познати два основни типа на референдумско изјаснување – задолжително, односно обврзувачко и факултативно, односно консултативно.

Како што појаснува Чупеска, „задолжителноста“ на референдумот не подразбира дека гласањето е задолжително, туку дека одлуката која ќе ја донесат граѓаните при гласањето е обврзувачка, односно задолжителна, додека „консултативниот“ карактер на еден референдум не подразбира одлучување, туку повеќе би се рекло изразување на мислење по определени прашања.

Оттука, доколку ВМРО-ДПМНЕ се определи да иницира „консултативен“ референдум, тоа би значело дека граѓаните при изјаснувањето само би го изнеле својот став и мислење по соодветно поставеното прашања, без тоа да има правни последици. Од друга страна доколку се решат за „задолжителен“ референдум, како што, според Мицкоски, партијата преферира, тогаш би се покренале серија други прашања.

Професорката Чупеска потсетува дека во Собранието веќе се донесени заклучоците за Преговарачката рамка и затоа не гледа реална причина зошто повторно би оделе на референдум за веќе усвоени позиции во Собранието.

– Оттука, би се задржала на она што е од суштинско значење – имено, дали референдумот ќе биде за некои си апстрактни, а неспроведливи теми или пак за конкретни и спроведливи работи. На пример, референдум кој се однесува на дел од документ кој е донесен во ЕУ, а по него се произнело Собранието, не може да биде реална тема која зависи од нас. Ако тоа го направиме, суштината е дека праќаме порака за прекинување на преговорите, праќаме порака дека не сакаме во ЕУ. Но, ако им е тоа целта на ВМРО-ДПМНЕ, таквата цел тие треба чесно да ја артикулираат, а не да манипулираат со „прашањето“ и со самата постапка за референдумот. Тоа не е во ред и всушност е крајно неодговорно, додава Чупеска.

Според неа, организирањето референдум за документ, каква што е Преговарачката рамка, која веќе е усогласена од ЕУ, по која нашето Собрание донесе заклучоци и Владата ја усвои е „non sense“.

– Затоа е битно да не се манипулира со референдумското прашање. Иницијаторите, во таа смисла мора да бидат на висина на задачата и да декларираат јасно и прецизно што им е намерата, а не да се затскриваат позади популистички приказни, додава Чупеска во разговорот.

 

Референдум за преговарачката рамка или за членство на земјата во ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски минатата недела посочи дека нема никакво разбирање за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, оценувајќи дека станува збор за манипулација која Мицкоски ја прави прилично неочекувано, со цел политичка мобилизација на своето членство. Сепак, според него, доколку опозицијата опстои на идејата за референдум, тогаш референдумското прашање би требало да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“.

– Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат, изјави Пендаровски.

По ваквиот став на шефот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски изјави дека „консултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање конвертираат кон она што го кажа претседателот Стево Пендаровски“. – Добра основа за прашање е дали граѓаните сакаат во ЕУ под овие услови и врз основа на тоа може да се постигне консензус како тоа треба да гласи, рече Мицкоски.

Професорката Чупеска во разговорот изјави дека не сака да навлегува во детали за формулацијата на референдумското прашање, но посочи дека она на што укажува претседателот Пендаровски се чини дека е поврзано прво, со причината и второ, со исходот од евентуалниот референдум.

– Тој е во право кога вели дека чесно треба да се каже зошто тој референдум би се одржал. Мора граѓаните да имаат јасна слика за „денот потоа”, за правецот на државата и за сите понатамошни ефекти од него. Токму таа поента на претседателот, сакам да ја издвојам, бидејќи тука лежи суштината, додава Чупеска.

Според премиерот Димитар Ковачевски, во услови кога земјава го започна патот на зачленување во ЕУ, еден ваков референдум е нерелевантен и тој повеќе е за внатрешно- партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ.

– Оваа држава од денот на одржување на првата Меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно, односно кон истокот, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум, што треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир запрашан за коментар за идејата за референдум изјави дека тоа е суверена одлука што може да ја донесе земјата, но дека при тоа повторно можеби може да се вратиме наназад и да ја видиме големата слика.

– Стратешкиот избор кој оваа земја го направи бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна. Зошто е важен. Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството, оцени Гир, додавајќи дека сепак на ВМРО-ДПМНЕ останува да ја постави својата позиција за овие прашања и дека е спремен да разговара со сите партнери кои се посветени на евроинтегративниот пат.

Професорката Чупеска смета дека иницијаторот на референдумот мора да биде одговорен, чесен, да го стави популизмот на „stand by“ и да ги прифати одговорностите, a со тоа и да понуди јасно решение, алтернатива, план Б.

– Во моментов, тие тоа не го прават, напротив, создаваат конфузија. Да не заборавиме дека овој пат на кој чекориме – стратегиските цели НАТО и ЕУ, го чекориме веќе 30 години. Сме преземале многу реформи кои не ни се допаѓале, но сме ги прифатиле заради подобра иднина. Заради нашата евроатлантска определба. Тој што би го прекинал овој тешко изоден пат, ќе мора да преземе одговорност и за се претходно, да објасни за следните перспективи, особено да ги објасни можноста и алтернативите и поволностите кои ги добиваме во друштвото на ЕУ. И обратно, да објасни кои се и какви се другите алтернативи, но и да ги предочи и предвиди и последиците од таква промена на курсот – посебно имајќи ги предвид геополитичките превирања и ризиците поврзани со тоа. Не смее тоа да се занемари, додава Чупеска.

 

Европскиот пат на земјава и уставните измени

Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и првата сесија на скринингот на 19 јули во Брисел, на земјава и се отвори патот кон ЕУ и сега само треба да ги спроведува обврските од целиот пакет, а тие меѓудругото ги вклучуваат и уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, како услов кон следната фаза од преговарачкиот процес – преговорите по кластери и поглавја.

Со уставните измени во Преамбулата и во Амандманот XII на Уставот треба да ги внесеме Бугарите и другите заинтересирани заедници. Согласно преземените обврски, во Преамбулата по текстот „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“, би требало да се додаде и „бугарскиот народ“, а постои можност и за додавање и на припадниците на други народи што живеат во земјава, за што интерес веќе пројавија и Хрватите, Црногорците и Египќаните.

Покрај ова, во Амандманот XII на Уставот, кој се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, покрај именувањето на членовите од редот на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците, би требало да се додадат и оние народи што ќе бидат внесени во Преамбулата.

Меѓутоа измените на Уставот или негов дел, согласно член 131, го носи Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да гласа за ваквите уставни измени „под уцени“, а без поддршка од овие пратеници или барем од дел од нив, Собранието не ќе може да го обезбеди неопходното двотретинско мнозинство или 80 гласа за уставните промени. Вкупно 44 пратеници на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека на нотар потпишале заверени изјави, како „гаранција кон народот, дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Уставот“.

Во однос на ваквите нотарски изјави на пратениците, д-р Чупеска во разговорот за МИА посочува дека тие сосема одговараат на „етно-популистичкиот курс кој го кампањираат ВМРО-ДПМНЕ“ и истовремено партијата купува време за да ја држи жива етнопопулистичката тема и да му објаснат на партиското членството дека не е се така едноставно, како што тие промовираат.

– Се чини дека не се сосема чесни дури ниту спрема своето членство. Дополнително, прават дефокус од суштински теми поврзани со Преговарачката рамка, а посебно мислам дека се плашат од брзата интеграција во ЗНПБ (Заедничката надворешна и безбедносна политика) и потребата од резолутна борба со дезинформациите кои се клучни услови во Преговарачката рамка. Тие, уште ништо не преземале во врска со овие два услови, напротив, дејствуваат спротивно, за што и беа опоменати два пати од (еврокомесарот за проширување Оливер) Вархеји. Во Преговарачката рамка, исто така, пишува дека преговорите ќе бидат напорни и ригорози, а тоа значи дека нас допрва не чекаат сериозна работа и одговорности, додава Чупеска.

 

Македонското искуство со референдумите

Од 1990 година во земјава се организирани три референдуми на државно ниво. Согласно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, референдум на државно ниво распишува Собранието по сопствена иницијатива или по предлог на најмалку 150.000 граѓани.

Првиот референдум се одржа во предвечерието на распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на 8 септември 1991 година, кога граѓаните со одлука на Собранието се изјаснуваа по референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

И покрај најавениот бојкот на тогаш водечките партии на Албанците – Партијата за демократски просперитет (ПДП) и Народната демократска партија (НДП), одѕивот на референдумот беше 75,74 отсто и од вкупниот број граѓани кои го искористија своето гласачко право, 96,46 проценти одговорија позитивно на референдумското прашање.

По ова, формално волјата на граѓаните за самостојна држава беше потврдена на 18 септември 1991 со Декларација за прифаќање на референдумските резултати усвоена во Собранието и беше прогласена самостојноста.

Вториот референдум се одржа 7 ноември 2004 во врска со новоусвоениот Закон за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 55/04 од 16.08.2004 година). Тој се одржа на предлог на 180.454 граѓани со право на глас, по иницијатива на Светскиот македонски конгрес, на кој граѓаните одговараа на референдумското прашање „Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија“ бр.49/96)?“.

Зад иницијативата за референдум застана опозициски блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, додека владејачката коалиција на чело со СДСМ беше против референдумската иницијатива, повикувајќи ги граѓаните да не гласаат на референдумот со паролата: „Некои прашања не заслужуваат одговор“. Меѓународната заедница, исто така, негативно се произнесе по референдумската иницијатива, во што најгласни беа САД кои два дена пред референдумот ја признаа земјата под тогашното уставно име Република Македонија.

На референдумот своето гласачко право го искористија само 26,58 проценти од запишаните избирачи, со што не беше исполнет условот за успешност на референдумот согласно Законот, кој предвидува дека на него треба да гласаат повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.

За разлика од овие два референдуми кои беа задолжителни, односно обврзувачки, третиот референдум беше консултативен. Тој се одржа на 30 септември 2018 година во врска со Договорот од Преспа со кој, меѓу другото, официјалното име на државата се промени од Република Македонија во Република Северна Македонија. Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“’

За поддршка на референдумското прашања се изјаснија партиите од владејачката коалиција предводена од СДСМ, како и партиите на Албанците, додека ВМРО-ДПМНЕ првично се закани со бојкот на референдумот, но на почетокот на септември Мицкоски излезе со изјава со која ги охрабри граѓаните да гласаат според сопственото убедување, најавувајќи дека партијата ќе ги почитува различните мислења. ВМРО-ДПМНЕ официјално не учествуваше во референдумската кампања, иако некои високи партиски членови се изјаснија за бојкот на референдумот, а и тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој беше избран како кандидат на оваа партија, на една недела пред гласањето го осуди Преспанскиот договор и повика на бојкотирање на референдумското изјаснување.

На крајот, референдумот беше прогласен за неуспешен, бидејќи одѕивот беше 36,91 отсто. Од оние што гласаа на референдумот дури 94,18 проценти се изјаснија „за“, што владејачката коалиција го толкуваше како нејзина „победа“ и прифаќање на Преспанскиот договор, додека од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека слабиот одѕив и „бојкотот од страна на мнозинството граѓани“ е доказ дека тие не го поддржуваат Договорот.

На прашање дали по завршувањето на целиот преговарачки процес би требало да се организира евентуално референдумско изјаснување за членство на земјава во ЕУ, д-р Чупеска вели дека не мисли оти е потребен референдум за ова прашање.

– Ова е пат кој го одиме 30 години. Сите политички субјекти консензуално се согласиле за оваа перспектива уште при осамостојувањето и тој курс впрочем не одржа во живот. Ако требало да има референдум за ова прашање, тоа требало да биде пред 30 години, а не денес, кога толку многу е вложено и време, и енергија, и ресурси и многу други работи, да не ги набројувам. Нечесно е сега после 30 години да се прашува ова. Голем е влогот, заклучува Чупеска.