Редици пред продавниците во Атина
Foto

Редици пред продавниците во Атина

Паралелно со отворањето на малопродажбата во понеделникот, во центарот на Атина се интензивира и тестирањето за Ковид-19 на граѓаните со бесплатни брзи тестови од мобилните единици на Националната организација за јавно здравје на Грција.

Поради новите правила под кои работи малопродажбата во Грција, редици има пред продавниците, од граѓани кои претходно закажале термин за шопинг или дошле да подигнат нарачка, а слична е сликата и пред пунктовите за тестирање.  И таму има редици, но за брз тест.

Дел од граѓаните во разговор ги објаснуваат своите причини за тестирањето.

-Излегов да прошетам по продавници, па кога веќе сум тука, решив и да се тестирам, вели помлад Грк.

Со сличен став е и повозрасен граѓанин, кој вели дека случајно поминувал и решил да се тестира.

-Следната седмица имам термин за вакцинација, па ете, сега, сакам да си се проверам, вели тој.

Поразлична е ситуацијата на вработена во индустријата, која објаснува дека веднаш по работа, дошла на еден од пунктовите, бидејќи сака да се провери.

-Немам симптоми, меѓутоа на работа имавме два позитивни случаи, па сакам да бидам сигурна. На работа не нѐ тестираат, па мораме сами да си се проверуваме, вели таа.

Двата мобилни пункта, веќе четврти ден се поставени на почетокот и при крајот на најпознатата трговска улица „Ерму“ во центарот на Атина.

Улицата која повторно „заживеа“ со отворањето на продавниците, кои работат само со услугите „click away“ и „click in shop“, односно подигнување на претходно направена нарачка или посета на продавница по закажан термин.

Граѓаните за шопинг имаат на располагање најмногу три часа, еднаш дневно, откако претходно ќе испратат смс порака на специјален број со име и презиме и ќе добијат повратен одговор со дозвола за посета на продавница.

Редиците, во главно се поради специјалните протоколи, односно дозволено е едно лице на 25 метри квадратни.

Паралелно, зголемено е и присуството на полицијата и општинската полиција, кои меѓу другото, вршат и контроли, дали граѓаните ја имаат испратено потребната смс порака.

На двата пункта за тестирање што ги посети, во текот на вчерашниот ден, во периодот од 10 до 15 часот, биле направени вкупно 1.117 тестови и регистрирани 38 позитивни случаи, додека пак во вторникот, од 1.009 брзи тестови, 41 бил позитивен.

0 Коментари

Остави коментари