Речникот на пратениците наспроти пратеничкиот кодекс во Собранието

Глодари, талог на општеството, организирана криминална група - наместо аргументи и дебата за проблемите на граѓаните, македонската политичка сцена сè почесто нуди говор исполнет со омаловажувања и етикетирања.

Од собраниската говорница, на прес-конференции, на  социјалните мрежи и во партиските соопштенија, политичарите речиси секојдневно користат навредлив речник. 

Христијан Мицкоски – Претседател на Влада 

„Тоа е шпионски талог на општеството и структури од минатото кои што се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери… “ 

Венко Филипче – Престедател на СДСМ 

„Мицкоски и неговата криминална група не сакаат во Европа затоа што таа носи европско судство“... 

Особено загрижува фактот што и во Собранието, институцијата во која треба да се води највисокото ниво на демократска дебата, сè почесто станува место за клевети и ниски политички препукувања.

Лидија Петкоска – Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ 

„Само два аргументи за колешката Јованка Тренчевска која скокаше како кокошка тука“......

Според дел од комуниколозите, ваквата реторика е резултат на недостигот на конкретни политички дела и резулати.

Бојан Кордалов – Комуниколог 

“Користењето на навредливи фрази, зборови од функционер –  тој натпревар само кажува дека сте немоќни да спроведете реална агенда и реални работи кои што граѓаните од вас ги очекуваат и  во отстутство нудите сосема нешто друго „забава“, „игри“ и „разонода“, но никој не оди на гласање или никој за жал не останува дома заради тоа што е задоволен од тоа како фукционираат работите туку заради тоа што сака нешто да промени и очекува политичарите да работат во интерес на тие промени“... 

Дополнително, според Кордалов ваквата реторика ја зголемува и недовербата кај граѓаните во институциите.

Бојан Кордалов – Комуниколог 

„Граѓаните очекуваат да видат дела од политичарите, одамна не очекуваат да слушнат нешто, а што е најстрашно од се толку често и толку брзо губат надеж дека политичарите може да комуницираат разумно во нивен интерес или да презентираат концепти, каде и да се свртите ќе видите дека луѓето се повеќе бегаат од дневното и политичкото информирање и тоа е пораз за една држава, демократија, не само на партиите“. 

Неодамнешно истражување на Институтот за демократија покажа дека граѓаните ја оценуваат работата на законодавниот дом со 2 на скала од 1 до 5. Истражувањето покажа и дека само 9% од граѓаните веруваат дека пратениците ги застапуваат интересите на сите граѓани.