Речиси секое трето дете во Македонија е во ризик од сиромаштија
Македонија тоне во сиромаштија - секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија, а речиси секое трето дете расте во сиромаштија.
Ова го покажуваат податоците на Македонската платформа против сиромаштијата од каде денеска на Меѓународниот ден на сиромаштијата - преку отворено писмо побараа од Владата итно донесување национална стратегија и конкретни мерки за подобрување на животниот стандард....
Македонска платформа против сиромаштијата
- Недостигот од стратегија уште од 2020 година, и постојаното префрлање на одговорноста меѓу централната и локалната власт, создава длабок институционален вакуум. Граѓаните се без системска поддршка во борбата против сиромаштијата. Повикувајќи се на европските цели и стандарди, бараме итно отворање на широк и инклузивен дијалог кој ќе ги преточи барањата во политики за достоинствен живот за сиромашните.
Податоците на платформата исто така покажуваат дека само 19 отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, наспроти 88 отсто во Европската Унија. Најпогодени се многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства.
Македонска платформа против сиромаштијата
- Но сиромаштијата е тесно поврзана и со услугите за грижа за деца и стари лица кои се ограничени - 45,5% од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17% (во ЕУ таа стапка е 95%),Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 % од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштени лица, што ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да се неактивни на пазарот на труд.
Македонската платформа против сиромаштијата адресираше повеќе барања за решение како: универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија, усвојување политики кои ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството, како и развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега за стари лица.

