Речиси пет милиони луѓе се внатрешно раселени во Украина, објави украинската вицепремиерка Верешчук

Според официјалните податоци, речиси пет милиони луѓе во Украина биле принудени да ги напуштат своите домови и да се преселат во други делови на земјата поради повеќегодишните руски напади, јави ДПА, повикувајќи се на заменик-премиерката на Украина задолжена за прашањата на бегалците Ирина Верешчук.

Таа за украинската државна телевизија изјави дека во Украина се регистрирани 4,9 милиони внатрешно раселени лица.

„Од нив, околу 3,6 милиони луѓе се раселени во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година“, рече Верешчук.

И пред инвазијата, како резултат на долготрајните борби во Донбас во источна Украина, од 2014 година, повеќе од милион луѓе веќе биле внатрешно раселени.

„Во последно време нема значително движење на луѓе“, рече Верешчук, додавајќи дека некои евакуирани се вратиле во своите домови во периодот август-ноември.

Според последните податоци на ОН, околу 6,2 милиони Украинци побегнале привремено или трајно во странство. 

Пред почетокот на војната во 2022 година, населението на Украина беше околу 41,4 милиони луѓе.