Рецесијата на најголемиот македонски трговски партнер Германија не е добра вест за земјава
Нема простор за поголема загриженост врз нашата економија од германската рецесија, но сепак треба да бидеме внимателни, предупредуваат дел од економистите. Сметаат дека е тешко да се предвиди колку рецесијата во Германија би влијаела врз нашата, но и економиите од Западен Балкан, а акцентот се става на фактот дека Германија е број еден трговски партнери на земјава.
Инфлацијата ќе забавува но сепак постојат како внатрешни, така и надворешни ризици што вршат притисок, велат економистите.
Дека станува збор за комплексно прашање претходно посочи и директорката на Германската стопанска комора во земјава, Антје Ванделт но истовремено истакна дека заинтересираноста на германските компании за македонскиот пазар е голема. А според податоци трговска размена помеѓу Германија и Македонија лани го достигна рекордното ниво, од речиси 4,8 милијарди евра.
Високата инфлација во Германија ја нарушува потрошувачката и го закочи економскиот раст. Во првите три месеци од 2023тата економијата се намалила за 0,3 проценти, што е и намалување на првичната прогноза за раст од нула проценти.
По падот за 0,5 проценти во последните три месеци пак, од 2022, ова е втор последователен квартал на негативен раст на германската економија, што е основа за „техничка рецесија во Германија“.