Ребаланс на буџет: Држава во хаос и долгови, економијата во клиничка смрт – тврди министерката за финансии

Повеќе од половина милијарда евра фалат во буџетот. Шокантно тврдење на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, според која, претходната Влада речиси ги потрошила сите пари за годинава, а планирала само до јуни. Како да знаеле дека ќе си заминат од власт, вели Кочоска на денешната прес конференција, на која, објаснувајќи го  ребаланбсот на буџетот кој новата Влада го прави, рече дека лошата состојба ги надминала и нивните очекувања.

Со ребалансот, Буџетот има рекордна приходна страна, но се зголемува и буџетскиот дефицит од 585 на 720 милиони евра. Министерката објасни дека ова се должи на тоа што претходната Влада пензијата од последниот месец лани, ја евидентирала во првиот месец оваа година. Со тоа лани покажала помал буџетски дефицит, на сметка на годишениот, кој поради ова, бележи зголемување.

Набројувајќи ги ставките по кои институциите не си ги исполниле обврските, Кочоска рече дека со ребалансот на буџетот ќе има пари за повисоки пензии, но прашана за зголемување на минималната плата, како што бара ССМ, министерката вели – прво анализа во јавниот сектор, па потоа одлука. Сепак, законската корекција на палтите во администрацијата останува. Со ребалансот се обезбедени околу 325 милиони евра од  ставки во кои имало слаба реализација. Меѓу другото, тие ќе се пренаменат и за отплаќање на кредити на јавни претпријатија како ЈПДП, Железници, ЕСМ, кои земале, а не можеле да ги вратат, па наместо нив, тоа ќе го прави Владата како гарант. Министерката вели дека во јануари треба да се исплатат надворешни долгови од 636 милиони евра, за што ќе треба да се земе нов заем. Од СДСМ велат дека ребалансот е нереален и алиби за неспособноста на власта.

Министерката Кочоска побара од органите на прогонот да ги истражат посочените злоупотреби на претходната Влада, а вети стабилен и развоен буџет за идната година.