Реакции за прес-клипингот кој ќе ги оценува медиумите какви вести објавуваат

Собирање вести за потезите на Владата или така наречен прес клипинг е во ред, но окарактеризирање на весите со лоши или добри е погрешно. Вака комуниколозите го оценуваат потегот на Владата, преку кој бара фирма која ќе набави софтвер за медиумски мониторинг, кој ќе ги собира објавените вести и ќе ги класифицира како позитивни, негативни или неутрални.

Според комуникологот Бојан Кордалов, секојА сериозна влада следи што медиумите објавуваат, но во насока да го подобри владеењето. Се останато е проблематично.

Софтверот ќе го користат триесетина државни институции и министерства, а ќе врши анализа на содржините од телевизиите, печатените медиуми, онлајн порталите и социјалните мрежи, според однапред дефинирани клучни зборови или термини. Владата ќе добие и 24-часовен пристап до сите анализирани објави, со можност за пребарување, обележување клучни зборови и оценување на медиумските содржини според нивната конотација - позитивна, негативна или неутрална.

Со ова не се согласува Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија. Според неа, единствено може да се оценуваат професионални информации, но, тоа не е задача на владата.

„Што значи негативни или позитивни? Или, пак, неутрални? ‘Пет минути за Хитлер пет за евреите’ не е професионално само затоа што е неутрално. ИРЛ работи истражувачко и аналитично новинарство, што значи по владиниот пристап ние би биле негативни.“

Од Илинденска појаснуваат дека целта не е да се етикетираат медиумите, туку да се детектираат слабостите на Владата и тие да се поправаат. Овој процес мора да се води транспарентно, заедно со новинарскиот еснаф, вели Кордалов.

Новинарските здруженија ја следат состојбата и ќе преземат се што ќе биде во интерес на поголема транспарентност на целиот процес. Во огласот кој е објавен на Бирото за јавни набавки, не е наведена сумата која Владата планира да ја потроши за софтвер за прес клипинг.