Реакции за предлогот на Стопанската комора да се кратат неработните денови

Бура од реакции по предлогот на Стопанската комора за измени на Законот за празници, со кои се предвидува намалување на бројот на неработни денови од 16 на 13, а доколку државниот празник е во недела, наредниот ден повеќе да не биде неработен. 

Од синдикатите се на став дека работникот одново е понижен. Дел од нив сметаат дека со предложените измени дополнително се ограничуваат работничките права. Од „Гласен текстилец“ за Телевизија 24 велат дека, наместо да придонесуваат за подобрување на работната атмосфера и условите за работа во земјава, работодавачите со ваквите иницијативи дополнително ги поттикнуваат работниците да ја напуштаат државата. 

Против предлогот на Стопанската комора се и дел од граѓаните. Тие сметаат дека работничките права во земјава и досега не се на задоволително ниво и дека нивното дополнително ограничување би претставувало уште еден удар врз македонскиот работник.

Стекнатите права на работниците треба да се почитуваат, а граѓаните не треба да имаат никакви дилеми во однос на тоа, порача и премиерот Христијан Мицкоски.

Од Стопанската комора, пак, предлогот за измени го образложуваат со податоци според кои земјава е меѓу лидерите во регионот и Европа според бројот на неработни денови по основ на празници. Во моментов има вкупно 16 неработни денови, а со предложените измени нивниот број би се намалил на 13.

Од Комората оценуваат дека големиот број неработни денови има негативно влијание врз деловното работење и конкурентноста на економијата. Оттаму посочуваат дека празниците кои се предвидени да се намалат од страна на граѓаните се гледале како на слободни денови а не како празници, за што реагираа од црквата која побара да се почитуваат празниците како духовни денови.