Реакции за назначувањето на Бучковски за официјален преговарач со Бугарија

Владо Бучковски е одличен познавач на состојбите, има добри контакти со Бугарија и ќе придонесе позитивно за процесот и односот со оваа земја, изјави денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски на прашањето по кои критериуми се водела Владата кога вчера на седница го избра Бучковски за специјален претставник на нашата земја за Бугарија.

- Професорот Бучковски е Одличен познавач е и има позитивни перцепции. Тој е прифатен во Бугарија и порано придонесувал позитивно, очекуваме да придонесе кон позитивна атмосфера и сега, рече Арсовски.

Инаку по изборот на професорот Владо Бучковски за специјален претставник во преговорите со Бугарија со реакција на својот фејсбук се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

- Владата со овој потег во целост застана зад тезите на Зоран Заев искажани во фрапантното и скандалозно интервју за Бгнес, заради тоа што единствени двајца сериозни политичари кои дадоа поддршка на тезите искажани во тоа интервју беа токму Владо Бучковски и Љубчо Георгиевски. Владата не покажа никаква желба и порака на национално надпартиски и најидеолошко обединување, доведувајќи му ја оваа работа токму на професорот Бучковски. - изјави Илија Димовски.

Со ист став како Димовски е и неговата матична партија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оттаму велат дека тешко на Македонија ако решението се тандемот Заев и Бучковски.