Реакции за извештајот на Стејт Департментот на САД

Не стивнуваат реакциите по критиките во извештајот на Стејт Департментот за земјава. За првиот човек задолжен за борбата против корупција во извештајот и не е се така црно. Од кабинетот на Николовски, посочуваат дека сите нотирани забелешки се добредојдени и ќе бидат сериозно разгледани. 

„Конкретно во делот со борба против корупцијата има нотирано одредени слабости пред 2019-та, а забележан е прогресот со е-набавки. Овие детектирани слабости се решаваат преку мерките содржани во Планот за борба против корупцијата, преку кој моментално се работи на подобрување на Законот за јавни набавки, зајакнување на управната контрола во Бирото за јавни набавки како и на носење на интерни процедури за спроведување на јавни набавки кај секоја институција во системот на државата.“ - изјави Љупчо Николовски - вицепремиер за броба против корупцијата.

Од власта остануваат на ставот дека борбата против корупцијата е приоритет – за опозиционерите Македонија е синоним за криминал и корупција.

„Тендерите на фамилијата на власт се насекаде. Доволен пример и показател е РЕК Битола кој што е класичен пример за испумпување пари преку тендери од страна на фамилијата на власт. Знаете дека и за тоа има пријавен случај за рекет во МВР, и нормално стои и тапка во место некаде во фијока. Корупцијата во Македонија која е на историско рекордно ниво ја потврди и Транспаренси интернешнал претходно каде сме на 111 место.“ - изјави Димче Арсовски - портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Извештајот од Вашингтон, според Алијанса за Албанците  ги потврдува нивните констатации  за бројните скандали на владата на СДСМ-ДУИ. Од ДУИ иако се обидовме да добиеме став за Извештајот - два дена молк. 

Стејт Департмент нотира селективно таргетирање на критичари на власта и престапници од низок калибар, но и сериозни наводи за корупција во власта и судир на интереси. Се истакнува и фактот дека постојат добри закони, но нивното спроведување е слабо и селективно. Според антикорупционерите, чија работа беше пофалена од официјален Вашингтон, во оваа броба треба да се вклучат сите институции, бидејќи велат сега се оставени сами.  

„За жал многу често имаме чувство дека сме осамени во оваа многу значајна борба, наспроти декларативната, но и селективно искажана волја за борба против корупција од страна на останатите структури, кои се надлежни за донесување важни одлуки на државно и локално ниво. Сематам дека зајакнувањето на интегритетот, е едниствен излез, и треба да е заедничка мисија и одговорност на сите институции во системот.“ - изјави Биљана Ивановска –-претседателка на ДКСК.

Стејт Департментот пред околу десетина дена првично го објави, а потоа го повлече извештајот за земјава, кој изобилуваше со бројни критики. Вчера го објави новиот - во кој не само што стојат и старите заклучоци туку се додадени и нови.

Но, она што како позитивно, наведено во Извештајот, освен работата на Антикорупциска комисија, исто така се забележува и дека дел од истрагите кои ги отвори поранешното СЈО имаат исход во кои обвинети добија затворски казни.