Реакции за Изборниот законик

Измените за Изборниот законик стигнаа во Собрание. Со 85 гласа ЗА, 2 против и 5 воздржани собранието ја изгласа потребата за измените да се носат по скратена постапка а собранискиот спикер Џафери ги задолжи претседателите на матичните комисии за политички систем, и законодавно правната комисија да свикаат седница.

Потребата од носење на измените ја образложи кординаторот на пратничката група на СДСМ Јован Митревски.  

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак денеска само кратко додаваат дека: 

- ВМРО-ДПМНЕ поддржува измени и дополнувања на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР а  ваквата опција за отворени листи овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина. 

Се огласи и шефот на државата Пендаровски  со порака до поголемите политички партии  

 - Претседателот Стево Пендаровски очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.  Во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски. 

Реакцијата на шефот на државата доаѓа откако и вчера но и денеска со реакција се јавија помалите политички партии но и 23 граѓански организации и поединци предводени од Зелен хуман град бараат од  шефот на државата Пендаровски да не ги потпишува овие измени .

Граѓанските организации повикувајќи се на актуелниот Изборен законик но и на членот 62 велат дека дури и со сегашните пропишани правила прагот за собирање на потписи е висок во период на одмори. Така на пример во општина од 10 илјади избирачи со актуелното законско решение се потребни минимум 100 потписи од запишаните избиорачи во избирачкиот список. Во општина од над 100 илјади пак се потребни најмалку 450 потписи, додека пак во Скопје се потребни минимум 1000 потписи од запишаните избирачи.

 

Министерот за правда Маричиќ пак веќе посочи дека не очекува поголеми опструкции во Собранието.  

Измените за кои вчера информираше и премиерот Заев предвидуваат прагот за собирање на потписи  за независни листи да биде 2 отсто или на пример во општина од 10 илјади избирачи потребни ќе бидат 200 потписи, а за општина од 50 илјади ќе бидат потребни илјада потписи.

Сепак премиерот Заев посочи дека дебата за ова предлог законско решение ќе се отвори во собранието за да се соочат аргументите за и против, но исто така се наметнува и прашањето околу иницирањето на измените на само два месеци пред изборите за кои вчера премиерот посочи дека треба да се одржат на 17 октомври. 

Во меѓувреме продолжуваат калкулациите за коалицирање и заеднички настапи. Па така откако вчера Заев посочи дека не се исклучува можноста за коалицирање со Беса денеска информираше и за соработката во повеќе градови која ќе ја имаат со ДПА.