Реакции во православниот свет по историската одлука на Вселенската патријаршија

Со камбанските ѕвона, црквите во Македонија ја поздравија одлуката на Вселенската Патријаршија – Да биде призната црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. Црквата, сега е призната под името „Охридска“, со што според МПЦ-ОА, се потврдува вековниот црковен континуитет.

Денеска Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија одржа вонредна седница на која изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА.

Во меѓувреме, пристигнаа реакции од Руската православна црква – За нив е неприфатливо признавањето на МПЦ. Од таму велат, ги признаваат исклучителните канонски права на Српската православна црква во Македонија. 

„Ставот на РПЦ, пред се ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија.“ - Руска православна црква.

И додека РПЦ реагира, Српската православна црква се уште молчи. Со став се јави и Грузиската патријаршија, од каде велат дека ја одобруваат одлуката на Вселенската патријаршија – Охридската архиепископија да се врати во канонско единство со православниот свет.

Од Македонската православна црква велат, и покрај признавањето за канонска црква, ќе продолжат разговорите со Српската православна црква, за спорот кој трае повеќе од пет децении. Вселенската патријаршија пак вели – Се остава на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

За признавањето на македонската црква за валидна, со честитки се јавија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои велат, историската одлука ја примиле со голема радост. По повод признавањето, утрово во владата Ковачевски се сретна со поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, за да му ги упати своите честитки, дека црквата е призната во моменти на интензивни преговори со Вселенската патријаршија во последните четири години.