Реакции во Бугарија, има или нема нов предлог
Предлогот на Франција доставен до Бугарија и Македонија за решавање на спорот и денеска актуелен во соседна Бугарија. Поранешниот премиер на Бугарија и актуелен лидер на ГЕРБ Бојко Борисов посака успех во финализирањето на францускиот предлог за решавање на спорните прашања меѓу Бугарија и Македонија. Соопшти дека Извршната комисија на ГЕРБ го разгледала предлогот за Македонија и повика на финализирање на договорот.
- На тема РСМ, навистина им посакувам успех на колегите во Софија да го финализираат договорот, за да можеме да кажеме дека француското претседателство направи многу и дека биде успешно, како што заслужува, рече Борисов.
Се огласи и француската амбасадорка во Софија Флоренс Робин, која побара брзо усвојување на договорот во Бугарија. Според неа последниот предлог е ист со документот кој претходно го усвои бугарскиот Парламент.
- Предлогот не се разликува од првиот и целосно ги штити правата на малцинствата во заедницата, вклучително и Бугарите. Документот е идентичен со првиот, веќе изгласан во бугарскиот парламент и не треба ново разгледување во земјата. - изјави Флоренс Робин- француската амбасадорка во Софија.
Покрај Бугарија, се јави и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која порача дека имала добар телефонски разговор со премиерот Димитар Ковачевски. Во објава на „Твитер“ таа напиша дека Македонија и Бугарија се блиску до договор.
„Имав добар телефонски разговор со премиерот Ковачевски. Ги поздравувам вестите дека Северна Македонија и Бугарија се блиску до договор кој ги зема предвид интересите и грижите. Европската комисија е подготвена да го почне скринингот со Македонија и Албанија, како следен чекор на нивниот европскиот пат“, напиша Фон дер Лајен.
Во текот на вчерашниот ден премиерот Еди Рама се огласи на Твитер порачувајќи дека последниот француски предлог кој е испратен до владата на Македонија е конечен и им, порачува на неговите браќа Македонци и Албанци во Македонија да го прифатат.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел пак порача дека е време да се каже „да“ на предлогот и дека се наѕира отворање на патот за пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија.
Официјален Берлин упати порака дека земјава не треба да ја пропушти оваа шанса. Францускиот предлог се состои од три независни елементи, кои само заедно можат да одговорат на прашањето дали Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

