Реакции - што може да се очекува по првата официјална посета на бугарскиот премиер Петков?
Македонија не губи ништо со тоа што и офицјално потврди дека нема територијални претензии кон Бугарија оценуваат дел од аналитичарите и познавачите на дипломатските прашања по средбата Ковачевски - Петков.
Поранешниот амбасадор Нано Ружин во краток телефонски разговор за ТВ 24 вели дека ова е добар чекор и воедно исполнување на една од точките на договорот со официјална Софија, што пак со право го наметнува прашањето каков фид бек може да очекува Скопје. Според Ружин ова е важен чекор кој дава оптимизам и позитивни сигнали за можна деблокада на патот кон евроинтегративните процеси иако историските прашања и натаму се отворени но тие треба да се остават да ги решаваат историските групи.
Во интервју за ТВ 24 пак Малинка Ристевска Јованова од ЕПИ ставајќи акцент на средбата Ковачевски Петков забележа дека воопшто не стана збор за деблокадата односно ветото кое официјална Софија го стави за евроинтегративните процеси на земјава што и натаму води кон неизвесност во исцртувањето на контурите.
Според аналитичарот Благојче Атанасовски бугарскиот премиер Петков пак се наоѓа во не баш лагодна позиција со оглед на тоа што под притисок и на меѓународната заедница и САД ќе треба да ги вади жешките костени кои ги оставија Борисов и Каракачанов.
Средбата Петков - Ковачевски не помина не проследена ниту од страна на меѓународниот фактор но и под лупата на САД. Со очекување дека Софија и Скопје ќе најдат решение администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден засега не размислува за санкции против бугарската Влада и е убедена дека владите на Македонија и Бугарија започнале конструктивен дијалог кој ќе помогне навремено да се решат нивните разлики.
САД силно го поддржуваат пристапувањето на Македонија и Албанија во Европската Унија и веруваме дека тоа ќе биде од корист за сите земји во регионот а Софија и Скопје ќе успеат да најдат решение.
Го цениме силниот интерес на американскиот Конгрес за ова прашање и ќе продолжиме да одржуваме тесна координација со Конгресот за ова прашање, се вели во соопштението на Прајс објавено од американската мисија во Бугарија. Стои во дописот на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, дистрибуирано од Амбасадата на САД во Бугарија.