Реакции по средбата Заев – Mеркел
Foto

Реакции по средбата Заев – Mеркел

Предвремени избори и нова влада но и понуда за соработка за земјава да добие датум за старт на преговорите со Унијата се реакциите на дел од опозициските партии по вчерашната средба Заев – Меркел во Берлин. 

Премиерот се пофали дека „Челичната дама“ му рекла дека Германскиот Бундестаг кон крај на септември ќе се изјасни дали ќе даде зелено светло за земјава да добие датум за отпочнување на  преговорите со ЕУ. Но во соопштението на Меркел никаде нема датум.

Албанскиот опозициски блок излезе со барања за предвремени парламентарни избори. Средбата Заев - Меркел ја оценија како погубна за земјава. Откако вчера БЕСА побара предвремени избори, денеска со сличен став и партијата на Села. Во дописот до јавноста потенцираат дека никаде во соопштението на Меркел не стои датум за отпочнување на преговорите со Унијата.

„Во изјавата на германската канцеларка не се споменува проширување, туку само зајакнување на стабилноста во регионот, во согласност со новата стратегија на француската влада за Западен Балкан. Во согласност со актуелните изјави на премиерот Заев, неуспехот на СДСМ и ДУИ да ги отворат пристапните преговори ова лето треба да го отвори патот за создавање на услови за да се подготви земјата за предвремени избори“, се наведува во соопштението на „Алијанса за Албанците“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак со обвинувања до Заев дека избрзал со датумите, но и со понудена рака за соработка.

„ВМРО-ДПМНЕ со сиот свој потенцијал се нуди да работи со Владата на СДСМ се со цел надминување на сите пречки кои што стојат на патот за Република Македонија барем во октомври да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија.“ - вели Мицкоски.

Иако претходно премиерот оваа понуда на опозицијата ја оцени како лицемерна, сепак посочи дка успесите на земја се успеси на сите граѓани, а свој удел во тоа има и опозицијата. ДУИ веќе ја оценија оваа средба како успешна и се  оптимисти дека земјава ќе добие датум за отпочнување на преговори со Унијата. Експертската јавност пак поделена околу средбата Заев - Меркел и што донесе таа за земјава.

„Самото соопштение кое дојде денеска од Берлин беше дијаметрално спротивно од соопштението на Владата. Сега господинот Талески вели Меркел не прејудицирала каква ќе биде одлуката.“ - изјави Мицкоски.

„Меркел кажа дека ќе има одлука во септември и дека верува дека ќе биде позитивна. Ама таа не одлучува таму.“  изјави Талески.

„Тогаш некој во вашата ПР служба лаже.“  изјави Момировски.

Талески:Да не импутираме и да не користиме такви зборови некој во ПР службата лаже. Јас бев таму во Берлин и знам за што се разговараше и знам кои беа заклучоците. Еден премиер не може дазборува во име на парламентот.

Исходот од средбата Заев - Меркел пак на маса и на Централниот одбор на СДСМ во недела во Охрид. Откако станува се поизвесн дека земјава нема во јуни да добие датум за старт на преговорите со Унијата, раководството на СДСМ ќе одлучува кое од можните сценарија ќе ги активира на внатрешно политички план. Опциите се предвремени парламентарни избори, реконструкција на владата или враќање на мандатот на премиерот.

0 Коментари

Остави коментари