Реакции по средбата Пендаровски - македонски здруженија во Бугарија
Паралелно со позитивните тонови на вчерашната конференција во Скопје за доверба, заедништво и сојузништво помеѓу Македонија и Бугарија, од официјална Софија со не толку добри пораки - Бугарското МНР реагираше, зошто претседателот Стево Пендаровски имал средба со претставници на ОМО „Илинден“.
Според Бугарија, средбата била спротивна на договорот за пријателство и добрососедство, потпишан во 2017 година. Но, договорот кажува нешто друго – Ако тие граѓани имаат македонско државјанство, Македонија има право да се грижи за нив. Ова е наведено во членовите 4 и 5 од Став 11.
Претседателот Пендаровски возврати - Ниедна негова постапка не била против договорот за пријателство и добрососедство. Во соопштението по средбите, наведено е дека имал средба со здруженија на граѓани од Република Бугарија, а не со македонски здруженија од Бугарија.
Реакцијата на Бугарија, според Малинка Ристевска - Јорданова од Институтот за европска политика е покажување на надмоќ од страна на Бугарија.
„Мислам дека Бугарија покажува се поголема надмоќ, дури и демонстрира сила на извесен начин, така што ова е изразито покажување на надмоќ.“ - изјави Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика.
Малку подоцна, но истиот ден, бугарскиот премиер Кирил Петков со изјава - Македонија има 15 години од почетокот на преговорите до членството во Европската Унија.
„Не можеме да одиме со пристап „заборави сѐ што знаеш досега и прифати сѐ како што јас ти велам“, тој пристап не функционира. Ако ја пуштиме Република Северна Македонија на патот кон Европа не значи дека ја пуштаме РСМ во Европа. Има 15 години од едната до другата точка. Во тие 15 години има 27 поглавја да се отворат.“ - изјави Петков.
Овој став на Петков, според Ристовска - Јорданова значи дека Бугарија во било кое време може да ја блокира Македонија, но е механизам со кој цело време ќе се следи спроведувањето на договорот, нешто за што се противат земјите - членки на ЕУ.
„И нотата од МНР на Бугарија и изјавата на Петков покажуваат дека е погрешна нашата видоизменета тактика, која е т.н. „салама тактика“, односно ваквите отстапки не водат кон достоинствено решение, туку воопшто не водат кон решение.“ - изјави изјави Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика.
Македонското Министерство за надворешни работи и Владата молчат – Нема став за реакцијата на бугарското МНР, ниту пак за ставот на Петков, дека Македонија има долги години пред себе за влез во европското семејство.
Од официјална Софија пак, најавуваат – Во вторник ќе има средба на една од новите работни групи, а три дена подоцна ќе се случи и најавеното заедничко чествување на Гоце Делчев. На тој настан, нема да присуствуваат премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.